Кратка, ама богата историја на уапсени британски аристократи

Апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор, братот на кралот Чарлс Трети, под сомнение за злоупотреба на службена должност, предизвика изненадување кај многумина. Дел од медиумите го опишаа овој настан како „преседан“. Сепак, историјата покажува дека тоа не е така.

фото: EpaImages

Во историјата на Англија и подоцна на Обединетото Кралство имало вкупно 59 апсења на членови на кралското семејство. Често се тврди дека последниот таков монарх бил Чарлс Први, кој владеел од 1625 до 1649 година. Тој бил уапсен од парламентарните сили во 1646, а потоа и погубен во 1649. Но неговиот случај не бил последен до денес.

Од Норманското освојување во 1066 година па сè до почетокот на 18 век може да се идентификуваат 58 уапсени аристократи поврзани со кралскиот двор (34 мажи и 24 жени). Од нив, 19 биле ослободени, еден избегал, 12 починале во притвор, 21 биле погубени, тројца исчезнале, а двајца биле убиени.

Маунтбатен-Виндзор не е ни првиот брат на монарх што бил уапсен. Еден од најпознатите случаи е Џорџ, војводата од Кларенс, помладиот брат на кралот Едвард Четврти. Тој бил затворен по обвинение за предавство, лишен од титулите и од правото на наследство. Според легендата, бил удавен во буре со вино во озлогласената Лондонска кула (или сам се удавил?).

Последниот брат или сестра на монарх што биле уапсени пред модерното време била идната кралица Елизабета Прва. Во 1554 година неа ја затворила нејзината сестра и опозиционерка по религија, Мери Прва, под обвинение за заговор. Елизабета поминала неколку месеци во Лондонската кула, а потоа била ставена во домашен притвор. Во 1555 година била помилувана, по интервенција на Филип Втори, сопругот на Мери.

Во притвор не завршувале само возрасни членови осомничени за заговор или предавство. Понекогаш биле затворани и деца од кралското семејство, наводно за нивна заштита, но всушност за контрола врз наследството. Познат пример се „Принцовите во Кулата“, кои биле затворени од нивниот чичко Ричард Трети откако ја презел круната во 1483 година. Наскоро потоа исчезнале, а најчесто се смета дека биле убиени, иако постојат и алтернативни теории.

Друг пример се Елеонора и Артур од Бретања, кои биле затворени од нивниот чичко, кралот Џон, на почетокот на 13 век, бидејќи претставувале закана за неговото право на престолот. Артур исчезнал по 1203 година и се претпоставува дека бил убиен, додека Елеонора останала во затвор до крајот на животот и починала во замокот Бристол во 1241 година.

Најчести обвиненија против уапсените биле предавство и заговор, но понекогаш се додаваале и обвинувања за ерес или вештерство. Хенри Петти ја уапсил својата маќеа Џоан од Навара под сомнение за магија. Неговиот син Хенри Шести ја затворил својата роднина по брак, Елеонор Кобам, под обвинение за некромантија. Иако формално биле обвинети според тогашните закони, зад овие случаи често стоеле политички или финансиски мотиви.

Најмногу апсења имало за време на владеењето на Хенри Осми, кој затворил 12 блиски роднини, меѓу кои три сопруги, една внука и една прва братучетка.

Последниот познат случај на долготраен кралски притвор бил оној на Софија Доротеја во 1694 година. Таа била сопруга на Георг од Хановер, кој подоцна станал крал како Џорџ Први. Обвинета за прељуба, таа останала во затвор и откако нејзиниот сопруг станал крал, и починала во притвор во 1726 година. Оттука, апсењето на Ендрју Маунтбатен-Виндзор не е преседан, туку само најнов пример во долгата историја на кралски апсења – практика што била речиси континуирана сè до крајот на 17 век.

27 февруари 2026 - 07:59