
(фото: Epa Images)
Претседател на жирито оваа година е Александар Пејн, американски режисер познат по своите топли и често меланхолични филмови како „Сајдвејс“ и „Небраска“. Тој ќе работи заедно со интернационално жири составено од угледни автори: Стефан Бризе од Франција, Маура Делперо од Италија, Кристијан Мунѓиу од Романија, иранскиот режисер Мохамад Расулоф, како и актерките Фернанда Торес од Бразил и Жао Тао од Кина. Во паралелната програма „Хоризонти“ претседател ќе биде француската режисерка Џулија Дукурно, која во 2021 ја доби Златната палма во Кан.
Фестивалот ќе започне со премиерата на „Ла Грација“, најновото дело на италијанскиот режисер Паоло Сорентино, кој пред неколку години освои „Сребрен лав“ за „Раката на Бог“. Иако содржината се уште се чува во тајност, откриено е дека станува збор за љубовна приказна.
Овогодинешниот фестивал ќе оддаде чест на две големи имиња. Германскиот режисер Вернер Херцог, познат по своите авантуристички и документарни дела, ќе го добие почесниот „Златен лав“ за животно дело. Истата награда ќе и биде врачена и на американската актерка Ким Новак, муза на Алфред Хичкок во “Вертиго“ и икона на холивудската златна ера.
Програмата е особено богата и ветува многу изненадувања. Меѓу најочекуваните наслови се:
„Франкенштајн“ на Гиљермо дел Торо, со Оскар Ајзак и Џејкоб Елорди.
„Бугоња“ на Јоргос Лантимос, со Ема Стоун (за него претходно пишувавме тука).
„По ловот“ на Лука Гуаданино, со Џулија Робертс.
„Џеј Кели“ на Ноа Баумбах, со Џорџ Клуни.
„Татко Мајка Сестра Брат“ на Џим Џармуш, со Кејт Бланшет.
Од националните кинематографии оваа година најзастапена ќе биде француската продукција, меѓу другото со следниве дела:
Франсоа Озон ќе ја претстави својата адаптација на романот „Странецот“ од Албер Ками.
Валери Донзели ќе настапи со филмот „Во тек на работа“ со Бастијан Бујон и Виржини Ледоен.
Оливие Асајас ќе ја има премиерата на своето најново дело „Маѓесникот од Кремљ“. Ова особено привлекува внимание бидејќи станува збор за политички трилер кој го опишува подемот на Путин. Во улогата на идниот претседател на Русија е Џaд Лоу, а неговиот „спин доктор“ е Пол Дано.