Наместо денешната пластика, во 1960-тите и 70-тите порцеланот беше насекаде. Украсни чинии што се закачуваа на ѕидовите со народни носии од поранешна СФРЈ, свеќници, сувенири од патувања, фигури на птици и други животни. Кошмар кога треба да се избрише прашина внимавајќи да не се скршат, тие подоцна станаа симбол на „ретро“ стилот на тоа време, кои во меѓувреме многумина го прогласија за кич и за непрактичен товар, сосе тешките регали и волнените јамболии.
„Каде е ваквиот бокал за вода со ружа од баба?“ - помисливме уште од врата, влегувајќи во Ликовниот салон при Народниот музеј во Велес, на изложбата „Порцелановите луѓе“, отворена на 10 ноември, на авторите Јасминка Намичева, Јасмина Дамјановска и Филип Фидановски. Шансата дека помеѓу 300-те изложени предмети ќе препознаете некој што сте го имале или можеби се уште го имате дома е огромна. Во фабриката за порцелан и санитарна керамика „Борис Кидрич“, попозната како Порцеланка, во најдобрите времиња работеле околу 4000 луѓе, а со нејзини производи бил снабдуван не само целиот поранешен југословенски пазар, туку и далечните Сирија, Либан и Либија.
Во деталната хронологија на развојот на фабриката вклучена во каталогот за изложбата, авторите наведуваат неверојатни податоци за начинот на трпеливо и систематско градење на кадар и подобрување на квалитетот на производството. Така, откако првите 27 тони порцелан произведени во 1954-55 година излегле со жолтеникава боја, а садовите биле лесно кршливи, бил повикан специјалист за технологија на материјали, извесен д-р Сингер, донесен со помош на Обединетите нации. Управниот одбор на фабриката стипендирал заинтересирани и надарени работници да поминат низ Школата за применета уметност во Загреб или Нови Сад, а низ Југославија бил организиран промотивен „Месец на македонскиот порцелан“, каде со попусти се продавал недекорираниот порцелан за домаќинство - дел од траншата произведена како тест на новата технологија.

Следува период на развој на фабриката, стабилизација на производството и формирање на декоративното одделение. Порцеланка почнала да учествува и на големите саеми во Југославија, како на пример Загребскиот, каде се истакнувале сервисите за кафе, чај и колачи дизајнирани од Милан Терзовски (патем, еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија). Во тоа време, како што вели едно сведоштво наведено во каталогот, влезот во фабриката наликувал на влез во мајсторски култивиран двор на одморалиште или болница, со многу цвеќиња и ракошни бои на трендафили. Фабриката во 1957 ја посетил и Тито при што добил сервис за кафе од колекција „барок“ и други предмети.
Во меѓувреме се купуваат автобуси за полесен превоз на вработените, се формира културно-уметничко друштво и се издава месечен весник „Керамичар“. Производството оди толку добро, што работниците кои навршувале најмалку 10 години стаж добивале позлатен јубилеен часовник од марката „Невада“, со врежан жиг на фабриката.

Славата на фабриката трае до 1990-тите, кога по заминувањето на повеќето дизајнери од одделението формирано дваесет години претходно, оригиналните дизајни биле сведени на минимум и почнале да се користат стари форми и „пресликачи“. До тогаш предметите биле сликани рачно, па земајќи предвид дека цртањето никогаш не можело да биде исто, секој од нив е практично уникат.
Се внимавало на тематско групирање на дизајните, па така декоратерката Ленче Тончова работела на серија играорци во стилизирана македонска носија, главно преземени од Албумот на народни носии од Олга Бенсон и Марија Малахова (за историјата на семејството Малахови слушни во подкаст епизодата од „Обични луѓе“ тука). Но дизајнерите, задоени во модернистички дух поради нивното образование во спомнатите центри, како и честите посети на саеми во Европа, имаат направено и дизајни кои и денес се толку свежи и оригинални, што го претвораат порцеланот во медиум на експеримент и интерпретација, балансирајќи на тенката граница помеѓу практичната употреба на конкретен предмет и скулптурата. Во ова предничи спомнатиот Терзовски, но и Војко Јаневски (фото долу), ученик на познатиот хрватски скулптор Вања Радауш. На него случајно наидовме на нашата посета - иако со нарушено здравје, на 85 години, тој делуваше горд на сработеното и тивко ги примаше комплиментите.


(дизајни на Војко Јаневски)
Присуството на авторите во тоа саботно попладне и нивната подготвеност да споделат дел од искуствата беше бесценето. Научивме што е „синтер“ - оној седефаст сјај што се прелева на некои од порцеланските садови, а е добиен со дробење на остатоци од скапоцени камења. Слушнавме колку било тажно да се пребарува низ рушевините на тој некогашен гигант од фабрика, и да се наидува на расфрлени документи, зелени пропусници и сини коверти со пресметки за лични доходи кои во последните 40 месеци од постоењето работниците никогаш не ги добиле. Таа е трајно затворена во 2003, но предметите, како и дел од луѓето се уште живи, раскажувајќи ја нејзината приказна.

Честитки на авторите за тоа што со минимални средства постигнале многу, со надеж дека оваа збирка нема да заврши на буништето на историјата, туку ќе биде достојно згрижена во некоја институција - во име на културното наследство, но и на конкретните луѓе чии имиња со оглед на колективниот дух на времето не биле истакнувани поединечно. А ако сакате да процените дали имате предмет од „Порцеланка“ погледнете на дното - таму треба да има печат, а на постарите примероци и бројче на работникот.
Изложбата трае до 27 ноември 23.11 (првичниот датум е скратен од страна на Музејот во Велес), а во близина има и пастрмајлија...
Филм од МТВ од 1975 за „Борис Кидрич“
Илина, Букбокс