„Вештата руска кампања за хакирање на американските избори во 2016 можеби се чини како нешто без преседан, но, ќе да е така“, пишува американскиот професор по историја Кенет Осгуд во едиторијал на Њујорк Тајмс.
Тој ја потсетува публиката дека за време на Студената војна, повеќе од две децении американската јавност била бомбардирана од гигантска кампања за обликување на ставовите на Американците за Русија. Спотови на сите телевизии, на сите радио станици и на стотици и стотици весници и магазини. Таа кампања веројатно е најголемото и најупорно политичко рекламирање во американската историја, оркестрирано од голем и моќен разузнавачки сервис: ЦИА.
„Студената војна беше во тек а ЦИА посака да ја префрли битката во рускиот двор. Од тие причини, во 1950 година го формираше Радио Слободна Европа, владино спонзорирана радио станица која формално требаше да понуди непристрасни вести за источните европејци но фактички агенцијата ја користеше за субверзивна кампања за ослабување на комунистичките влади зад Железната завеса.
Но, како да скрие раката на агенцијата? Како да се прикажат силни милиони долари кои ЦИА ги истураше во таа радио станица? Просто: преправај се дека американските граѓани ја плаќаат сметката“.
За таа цел, еден од главните шпионски мозоци на ЦИА, Френк Визнер, формира добро подмачкана и добро конектирана група, наречена Национален комитет за слободна Европа која секоја година организираат масовна национална кампања за собирање донации.
Секој претседател, од Хари Труман до Ричард Никсон, ги поддржуваше тие кампањи, како и стотици гувернери, уредници и познати лица, како Рок Хадсон, Роналд Реган, Џери Луис, Сесил Б, Де Мил... Патем, се формира и еден Совет за реклами кој лобира и работи на тоа американските бродкастери бесплатно да ги пуштаат рекламите за донациите.
Во денешна вредност, советот издејствувал бесплатно промовирање вредно 2 милијарди долари.
„Пораката беше едноставна: Русија е агресивна, комунизмот е одвратен, на непријателот не може да му се верува, комунистичкиот свет е пекол на земјата. Донирањето пар долари ќе им биде голема помош на кутрите Чеси, Полјаци, Унгарци и други во тиранијата. Илјадници Американци ја голтнаа јадицата.
Тоа не беше доволно. Донациите едвај да ги покриваа трошоците за покренување на донаторските полуги а не па 30-те милиони долари годишен буџет на радиото. Но, тоа не ни беше поентата“, пишува Осгуд.
Деклацифираните документи откриваат дека уште од самиот старт ЦИА ја користела кампањата за донации за домашна пропаганда. Тоа било начин да се изгради јавна поддршка за Студената војна преку драматизирање на комунистичката репресија и плашење од светското зло.
Иако донациите престанаа уште во 1971 година кога улогата на ЦИА беше разоткриена, таа кампања успеа во САД да го зацементира анти-комунистичкото расположение кое подоцна можеше да се види и кај Реган а денеска и кај Трамп кој во ОН неодамна на долго проповедаше против злата на социјализмот.
„Речиси е сигурно дека самото Радио слободна Европа - кое и денес е активно од своето седиште во Прага - ги има обликувано и погледите на Владимир Путин. Русија долго се обидуваше да ја внесе источна Европа под свое влијание а радио станицата ѝ беше една од пречките. Како офицер на КГБ, Путин без сомнение посветил многу време на овој проблем. Тој веројатно ги гледа ланските американски избори како порамнување на сметките“, пишува Осгуд во Њујорк Тајмс.