Не остана Шабан на светов

10 години после Бајрамовиќ, од овоземните кафани се одјави и Шабан Шаулиќ. За некој кој постои повеќе од половина век е нормално да го викаат крал. Само што Шабан Шаулиќ беше прогласен за крал уште кога се појави.

Ако во песните на Шабан Бајрамовиќ сме се натопиле од глава до петици а во неговата музика и сме пливале и сме се давеле, за Шабан Шаулиќ мораме да признаеме дека никогаш докрај не успеавме да го разјасниме буквално митскиот статус кој тој го ужива во народната и кафанска музика. 

Не дека не допираа до нас сите тие емоции, филиграни и други украси кои ги имаат неговите песни, но неговото почесно место во тој народњачки Олимп е поголем од збирот на сите негови гласовни и интерпретативни карактеристики.

„Замина кралот на народната музика“ е еден од најчестите наслови со кои се обележува трагичниот крај на Шаулиќ, кој денес во 6:50 сабајле загина на германски пат кога автомобилот во кој патувал со својот кум, од позади жестоко бил удрен од некој пијан возач. И јасно е дека за некој кој постои повеќе од половина век ќе се вика дека е крал. Само што Шаулиќ беше прогласен за крал речиси уште кога се појави, a се појави таму некаде на крајот на 60-тите години, објавувајќи го својот прв сингл на само 18 години.

Шаулиќ е првиот народњак кој има продадено милион примероци од сингл. А не бил пуштан ни на радио ни по телевизии. Тој имаа успеано не благодарејќи на официјалните медиуми туку во инает на нив. Бидејќи кафанскиот алгоритам некогаш знаел да биде попрецизен и од оној на денешен Спотифај или Дизер.

Тоа е време на Радојка и Тине, Бата Канда, Сафет Исовиќ во полна сила, а медиумите дигаат рампа за сè освен за изворната музика после она писмо на Тито во 1972 година (инаку пишувано од Стане Доланц, една од најмрачните фигури на југословенската политика) чија намера да е ги сосече либерални и реформаторски струи во СКЈ, но допира и културни прашања па се бара „да не се фаворизира кичот и шундот“.

Поупатени зналци од нас во таа езотерична „шабанологија“ веројатно ќе знаат да додадат уште многу детали и слоеви  во приказната за него. Ние би да пратиме само две попатни фала. За тоа што не беше помодар и се држеше до оној штим во кој се чувствуваше како риба во вода. И за тоа што имаше храброст да го батали она блесаво тупе и да си биде ќелав на раат.

И да ви ја пуштиме песната која баш вчера се слушаше, во друштво со Адо и Зоќо, меѓу едни романски махери и еден мексикански музички полу-бог. Шабан Шаулиќ од раните денови, со глас од свила кој не пука ни на најопасните делници и еден текст кој е тотално искрена и неповторива наива.

 

 

17 февруари 2019 - 15:23