Експлозиите во Унгарија и Романија мирисаат на „Северен тек“

За само неколку часа синоќа одекнаа експлозии во рафинерии во Романија и во Унгарија што преработуваат руска нафта. И двете земји спроведуваат истраги, сомневајќи се на саботажа. Истовремените инциденти поттикнаа шпекулации дека веројатно се дел од украинската кампања против руската енергетска инфраструктура, исто како и нападот врз гасоводот Северен тек во 2023.

Фото: ЕПА

Во експлозијата во комплексот Сазхаломбата на „МОЛ“, оддалечен дваесетина минути од Будимпешта, немало повредени лица, но најголемата рафинерија за нафта во Унгарија некое време ќе биде исклучена од погон. Оваа рафинерија ја преработува суровата нафта што Русија ја испорачува преку нафтоводот „Дружба“ и е клучен јазол во унгарската и во централноевропската енергетска мрежа. Нафтата рафинирана во Сазхаломбата главно ги снабдува домашните пазари, но исто така и Словачка во значителни количини.

Само неколку часа претходно одекнала експлозија и во рафинеријата „Петротел“ во Романија. Според првичните и неофицијални извештаи, експлозијата била во индустрискиот систем за канализација додека платформата била исклучена од погон заради редовно одржување. Комплексот е еден од најголемите капацитети за преработка на нафта во Романија и е во сопственост на руската компанија „Лукоил“.

Времето на двата инциденти поттикна сомнежи за веројатна саботажа. Министрите за енергија на ЕУ вчера го поддржаа предлогот на Европската комисија за постепено укинување на увозот на руски гас, течен природен гас и електрична енергија од нуклеарни извори најдоцна до крајот на 2027 година. Исклучоци се Унгарија и Словачка, кои поради географските и инфраструктурните ограничувања остануваат зависни од руската нафта од цевководи.

Украинските сили често пати го напаѓаа нафтоводот „Дружба“ што го предизвика гневот од Будимпешта. Тоа е една од причините поради кои премиерот Виктор Орбан се противи на забрзаниот прием на Украина во Европската Унија. 

Од средината на оваа година Украина почна континуирана кампања на напади со беспилотни летала против енергетската инфраструктура длабоко на руска територија. Проценките на аналитичарите се дека до крајот на август бил уништен 21% од рускиот капацитет за рафинирање (околу 1,4 милион барели дневно). Нападите создадоа тесни грла во производството, предизвикаа недостиг на гориво во Русија, ги зголемија цените на бензинот и значително го намалија извозот на руско гориво, што на Москва ѝ одзеде важен извор на финансии. 

Украина, исто така, е вмешана во саботажите врз гасоводот Северен тек на дното на Балтичко Море во 2022 година. Еден Украинец неодамна беше приведен во Италија, а друг во Полска. Варшава го отфрли германското барање за екстрадиција на осомничениот украински нуркач Володимир З. со образложение дека „обвиненијата се премногу општи“ и дека „инцидентот се случил во меѓународни води“.

Во Варшава саботажите на гасоводот ги сметаат за „праведна војна“ на Украина. Премиерот Доналд Туск тврдеше дека екстрадицијата на осомничениот „не е во национален интерес на Полска“.

Проблемот за Европа, Украина, Литванија и Полска не е тоа што Северен тек 2 бил дигнат во воздух, туку тоа што воопшто бил изграден, изјави Туск.

Шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто ја оцени изјавата на Туск како „скандалозна“.

Според Полска, ако не ви се допаѓа инфраструктурата во Европа, можете да ја дигнете во воздух. Со ова, тие дадоа дозвола за терористички напади во Европа. Полска не само што ослободи, туку и слави терорист, порача Сијарто.

******
Види и: Уапсен нуркачот што го разнесе гасоводот Северен тек
Дали сега имаме доказ дека Украина го рокна Северен тек?

21 октомври 2025 - 14:40