Неполни две години по нападот, ситуацијата е следна: доказите покажуваат дека Украина, а не Русија го извела „терористичкиот напад“, а американското разузнавање било предупредено за операцијата и се обидело да ја спречи, но Украинците ги изигнорирале.
„Сликата која сега се составува е со мала но крајно професионална група на цивилни и воени саботери кои работат со поддршка и насоки од украинската војска, со дозвола од самиот Зеленски, меѓутоа се приватно финансирани и оперираат независно.
Внимателно планираниот напад на дното од морето уништи инвестиција од 20 милијарди долари и со еден удар ја збриша руската способност да ги уценува со гас европските држави кои го поддржуваат Киев. Нападот исто така предизвика крах на Газпром, кој не само што е еден од столбовите на руската економија туку и на гас дипломатијата на Кремљ,“ пишува Овен Метјус во Спектатор.
Во исто време, уништувањето на Северен тек е непријателско дело против клучна инфраструктура на НАТО, која според висок германски функционер кој разговара со Вол стрит журнал е доволна причина за активирање на клаузулата за заедничка одбрана на НАТО.
Економскиот удар што Германија го доживеа од овој напад е неспорно застрашувачки, бидејќи експлозијата „одигра клучна улога во трансформирање на германската економија од една од најдинамичните во Европа, во една од најстагнирачките, со предвидувања за раст од само 0,1% во 2024.“
„Како таков, нападот на Северен тек се вбројува меѓу најуспешните воени операции во историјата на војувањето кои предизвикале индирекнта штета,“ порачува Метјус во Спектатор.
Според повеќе извори со кои разговара Вол стрит журнал, идејата за напад на гасоводот ја зачнуваат неколку високи украински офицери и бизнисмени за време на вечера во Киев во мај 2022. Таа е финансирана од приватни пари, но надзорот е од активен украински генерал со искуство во специјални операции. Планот бил одобрен од Зеленски по основа на тоа дека гасоводот на Газпром е легитимна воена цел. Меѓутоа во исто време гасоводот е критична германска инфраструктура на Германија која е клучен сојузник на Украина во војната против Русија, па целата операција мора да се изведе во тотална таинственост и без допирни точки со властите во Киев.
До јуни 2022 холандското воено разузнавање добива абер за целата операција, бидејќи еден од нивните соработници, Роман Червински, се претпоставува дека е клучен организатор на тајната операција.
Холанѓаните за ова ја известуваат ЦИА, која пак бара Зеленски веднаш да ја отповика мисијата. Тој се согласува на ова и му наредува на генералот Валериј Залужни да ги запре саботерите, меѓутоа добива повратен одговор дека групата веќе прекинала секаков контакт и не може да биде стопирана.
На 6 септември, јахтата Андромеда, најмена од полска компанија во сопственост на двајца Украинци, тргнува од германското пристаниште на Балтикот, Росток. На неа има шест патници. Заради големината јахтата не мора да има систем за следење, меѓутоа досиејата и видео записите од пристаништата на Балтикот ја лоцираат во близина на местото на експлозијата.
Нападот е извршен со поставување експлозив на ѕидовите на гасоводот кој се наоѓа на 80-90 метри под вода. Експлозијата ги ослабува ѕидовите на гасоводот, по што следува дополнителна експлозија предизвикана од 120-барскиот притисок од гасот кој минува низ него.
Во јануари 2023 извршен е претрес на Андромеда на која се најдени траги од експлозив.
Во јуни 2024 германското обвинителство објавува налог за апсење на украински државјанин и професионален нуркач, кој е главниот ум на операцијата. Осомничениот се верува дека се крие во Полска, меѓутоа полските власти никого не апсат, па претпоставката е дека тој веќе е вратен во Украина. Поранешниот прв човек на БНД јавно ја обвини полската влада за соучество во нападот на Северен тек, заради тоа што не го уапси осомничениот Украинец и дозволи негово заминување од земјата.
Веста за тоа кој стои зад нападот доаѓа во време кога германската јавност се повеќе е наклонета кон наоѓање мир во Украина и ограничување на испораката на германско оружје. Во исто време АФД сака да се поправи гасоводот за Северен тек, а линијата која остана недопрена веднаш да почне да се користи за испорака на гас.
„Иако германската истрага откри многу форензичарски детали од операцијата, се уште има многу неодговорени прашања во наративот претставен од изворите на Вол стрит журнал. Едно е колебањето на Германија да признае дека и е извршен терористички напад од држава на која и помага да води војна.
Друго е сензационалното обвинение од поранешниот раководител на БНД дека Полска не само што ги штити осомничените и ја одолговлекува истрагата туку можеби имала улога и во целата операција.
Приказната за непослушноста на Залужниј која е корисна за да се покрие Зеленски е исто така малку тешка за верување - посебно бидејќи Залужни беше отпуштен.
И веројатно најчудна од сè е помислата дека Украина би извршила ваква саботажа наводно наспроти волјата на САД и вон контролата на ЦИА.
Приказната за заплетот околу Северен тек, колку и да е извонредна, ветува дека наскоро ќе донесе уште откритија,“ порачува Метјус.