
Првите протести поминале без инциденти, но синоќа група демонстранти со факели, камења и шишиња ги нападнале полициските кордони пред објектот за сместување азиланти во даблинскиот кварт Сагарт. Едно полициско возило било запалено. Полицијата привела шест лица.
Десетгодишното девојче било сексуално нападнато додека било под државна грижа. Агенцијата за детска и семејна заштита објави дека девојчето „исчезнало“ на пат кон центарот на Даблин. Неколку часа подоцна било пронајдено во кругот на хотелот „Ситивест“, кој владата го откупи за 145 милиони евра за да го пренамени во центар за прифаќање азиланти.
За нападот е осомничен 26-годишен маж кој престојувал во центарот. Во Ирска пристигнал пред шест години, лани му било одбиено барањето за азил и требало да биде депортиран. На првото појавување пред суд одбил да даде изјава. Согласно законите, неговиот идентитет и потеклото не се објавени, но судот ангажирал арапски преведувач за сослушувањето.
Не е прв пат напад од мигранти да ги разгори тензиите во Ирска. Низ целиот остров, а особено во Северна Ирска, се зголемуваат антиимиграциските протести, поттикнати од засилениот криминал и од фрустрацијата од имиграциската политика. Во 2022 година, кога властите најавија дека ќе пренаменат хотели во центри за згрижување на околу 65.000 азиланти, имало 307 протести, а до средината на 2023 година уште 169. Демонстрантите реагирале дека во центрите речиси воопшто нема жени и деца, а мнозинството се млади мажи.
Во јуни годинава во Балимена во Северна Ирска десетици полицајци беа повредени во судири со демонстранти што реагираа на обид на двајца малолетни мигранти да силуваат девојче.
Никогаш нема оправдувања за насилството и народните стражи, но ирскиот народ има право на безбедност, вистина и одговорност. Кога системот не успева да ги заштити најневините, нашите деца, гневот на нацијата е разбирлив, предупредуваат Ирци на социјалните мрежи.
Премиерот Мајкл Мартин го осуди насилството врз полицијата и повика на смиреност.
Ги разбирам загриженоста, бесот и гневот на многу луѓе на земјата поради тоа што се случи тука. Јасно е дека државата не ја исполнила својата обврска да го заштити ова дете, изјави премиерот.
За разлика од него, ББЦ во својот обемен извештај од 25 пасуси за нередите во Даблин воопшто не ги спомна силувањето и девојчето како повод за протестите.