Истиов овој месец, пред сто години, смртоносниот грип беше на својот шпиц. Се проценува дека биле заразени 500 милиони луѓе а умреле меѓу 50 и 100 милиони лица, или околу 3% од вкупната тогашна светска популација.
Еден век подоцна, напредокот во вакцините ги направи масовните појави на грип, сипаници, рубеола, дифтерија, полио - ретки. Но, луѓето го потценуваат ризикот. Малкумина се свесни дека само од грип и компликации од него, само во САД и само ланската зима умреле 80.000 лица, главно стари и болни. Од детските смртни случаи кои биле потврдени дека се предизвикани од грип, 80% од настраданите деца не биле вакцинирани.
Предвидувам дека следното масовно ширење на болеста - од високо смртоносна верзија на грип или нешто друго - нема да биде овозможено од немање превентивна технологија, туку од дигитално олеснетата емотивна зараза која ја еродира вербата во вакцините. Поплавата од конфликтни информации, дезинформации или манипулации на социјалните медиуми треба да биде препознаено како закана за глобалното јавно здравје“, пишува Хаји Ларсон во Нејчр.
Добрата вест е дека постои нешто што се вика „Проект за доверба во вакцините“ зад кој стои меѓународен тим експерти од епидемиологија, статистика, антропологија, политички науки и други профили. Тие работат на рано детектирање на гласините и стравовите за тие да бидат адресирани пред да се претворат во лавина. Се мониторираат вести и социјални медиуми, се истражуваат мостри на однесување а тимот има создадено и Индекс на доверба во вакцините, сличен на Индексот на довербата кај потрошувачите.
Според нив, Европа е регион со најголем скептицизам и некои земји веќе работат на поправање на штетата од анти- ваксерите. Во Данска, на пример, во 2.000 година, националната ХПВ имунизација изнесувала 90% ама веќе во 2005 паднала на под 20%. Презеле низа мерки, по што во 2018 имаат 6% повеќе вакцинирани отколку претходната година.
Овој проект ги имаат категоризирано дезинформациите во неколку нивоа. Според нив, најголема штета прави лошата наука, кога луѓе ги користат своите медицински рефренци за да изведуваат претерани или неиздржани тврдења. Најпознат пример е публикацијата на озлогласениот Ендрју Вејкфилд од 199 година која беше првата која го рашири стравот од наводната врска меѓу вакцините и аутизмот. Иако подоцна делото на Вејкфилд повеќекратно беше побивано, ехото се ширеше уште долго.
„Да беше повлечено тоа негово дело после 12 месеци наместо после 12 години, денес ситуацијата ќе беше поинаква,“ пишува Ларсон.
На второ место по опасност се сите оние кои анти-ваксерските дебати ги користат како финансиска можност да продаваат книги, сервиси и бабини деветини, а ситуацијата ја комплицираат и оние кои заострувањето на таквите дебати им одговара политички. На крајот на линијата штеточини се ставени тн супер-заразувачи, кои ја користат својата влијателност на мрежите за лесно да прошират некоја гласина или паника, споделувајќи непотврдени приказни и случајни коинциденции.
Не постои униформирана стратегија за борба против разните видови дезинформации, особено меѓу оние кои веќе се сметаа за скептични. Кампањите имаат мало влијание бидејќи упатуваат пораки базирани на она што се сака да се промовира без да се адресира поинаквата перцепција на проблемот.
Веројатно најважен е дијалогот. Стратезите и повиканите мора да слушаат и да се вклучуваат. Инаку, ако се повтори вирус смртоносен како оној од пред 100 години, ниеден научен напредок нема да ни значи многу ако самите луѓе немаат доверба во тоа.