
Илјадници жители, туристи и репортери од светот, дури и кралот Карл 16-ти Густав, пристигнаа во најсеверниот шведски град Кируна во Арктичкиот круг за да ја следат спектакуларната преселба на големата градска црква на нова локација.
По утринскиот благослов, лутеранската црква од 741 тон на специјално конструирани платформи почна да лази кон новата локација, оддалечена 5 километри. Ќе стигне дури утре. Се движи со брзина од половина до еден километар на час, со редовни паузи за „фика“ – неодминливиот шведски попладневен одмор за кафе. За да биде преместен најголемиот и највпечатливиот објект во Кируна патот бил проширен од 9 на 24 метри и бил демонтиран вијадукт.
Се сели, всушност, целиот град. Проектот го плаќа државната рударска компанија LKAB, за да може да ги прошири јамите за копање железна руда, но и други ретки минерали. Преселбата е планирана од 2004 година и почна во 2017 година. Куќа по куќа, се товарат на камиони и се префрлаат на безбедна локација, на која нема опасност да бидат проголтани од јамите длабоки и до 1.365 метри. До јули беа префрлени 25 големи згради. По црквата, остануваат уште 16. Само транспортот на црквата е проценет на 500 милиони круни (45 милиони евра).
Црквата била подигната во 1912 година, како подарок од рударите за жителите на Кируна. Изградена е на рид, за да можат верниците на мисите да го имаат пред себе целиот град. На анкета во 2001 година Швеѓаните ја прогласија за „најубавиот објект во земјата изграден пред 1950 година. По преселбата црквата ќе биде фиксирана и ќе остане затворена до крајот на идната година.
Кога ја затворате портата, знаете дека ќе поминат години пред да можете повторно да ја отворите, и тоа на ново место, изјави викарот Лена Тјернберг, која утрото ја благослови преселбата.
Локалните власти ја искористија приликата за да организираат голем спектакл, со концерти, кореографии и настап на евровизиски ѕвезди. Националната телевизија SVT директно го пренесува транспортот. Нема многу акција, но шведската публика има чуден вкус. Милионска гледаност имаат традиционалните пролетни преноси на „големата миграција на лосови“. Кој сака „шведска акција“, директен пренос има тука.
******
Види и: Почна големата шведска преселба