Од огромното мнозинство луѓе, оние со XY хромозоми се мажи а оние со XX жени. Но, за еден многу мал процент луѓе, работите не се така едноставни. Прецизни бројки нема а проценките се дека нивниот број се движи околу 0.05% кај Белгијците до 1.2% кај луѓето од Нов Зеланд.
А бројот на млади и возрасни кои се појавуваат како трансџендери расте фрапантно. Според британскиот сервис за родови идентитети, за само 7 години нивниот број пораснал од 94 на 1.986. Првата американска клиника за нив е отворена во Бостон во 2007, денес во САД има преку 50 слични.
Се работи за родово незадоволство (dyspohoria), за чувствo дека полот и телото не се спарени најсреќно. Науката за овие прашања е во пелени и нема баш сигурни факти и сознанија. Некои видови истражувања се неможни поради етички причини а долготрајни студии нема заради тоа што ситуацијата е релативно нова. Барем за пошироката јавност која се вклучи во дебатата откако олимпискиот победник во десетобој и маргиналец во женската империја Кардашијан, Брус Џенер, стана Кејтлин Џенер.
„Благодарејќи на прогресивците и транс-активистите, во САД полека почнува да доминира еден од можните пристапи: дека детето најдобро знае за себе. Тоа значи, ако тригодишното синче ви каже дека е женско, тоа е нешто што не треба да се дискутира или негира туку треба да се поддржи, што со купување розеви фустанчиња, што подоцна со пари за скапите хормонски терапии. Родителите кои ја поддржуваат желбата на своите деца за промена на полот се поздравуваат заради нивната одважност, лекарите кои се прашуваат дали медицинска интервенција е во најдобар интерес на детето се обвинуваат за транс-фобија“, пишува Чарли Меккен во лајф магазинот на The Economist.
Во таа дебата меѓу двата табора - дали родовиот идентитет е прашање на слободна воља или е нешто од доменот природа/Господ, сè почесто се поставува прашањето:
- Ок, но што ако моето дете по некое време го смени мислењето?
Таква е приказната за младата Макс која магазинот ја раскажува до детали. Уште од мала се чувствувала неудобно во својата кожа, нејќела да игра женски игри туку фудбал, сакала машки чевли и слично... Едно мачно и конфузно детство минато во мала средина во Калифорнија. Зрак надеж се појавил кога на интернет наишла на поимот трансџендер. Почнала да чита за тоа и во неа растело чувството дека го нашла клучот на своите проблеми, иако, на лекарски преглед била дијагностицирана и со анксиозност и депресија.
На 16 години ги убедила родителите да бидат со неа, се декларирала пред сите како трансџендер, ги започнала процедурите, примала хормони кои ѝ го здебелиле гласот, почнало да расте брада, ги издржала и оперативните зафати меѓу кои и болната мастектомија....
Макс станува машко си сите нишани.
Да ја скратиме малку приказната: на 19 годишна возраст, само три години откако излегува од плакарот, Макс сфаќа дека - згрешила. На таа возраст доаѓа до сознание дека како мала била несреќна не затоа што била машко заробено во женско тело туку дека не умеела да сфати дека може да биде женско и без очекуваните женски особини и дека може да сака женски без да се претвори во маж.
По ова, Макс решава да де-транзитира и уште еднаш да мине низ цела процедура, овојпат за враќање во првобитната состојба. Вели дека никогаш не се чувствувала поглупаво отколку кога морала да застане пред своите родители и да им каже што е најново со неа. Нa 21 годишна возраст Макс влегува во подгрупата FTMTF (female to male to female).
Ни транзитирањето ни де-транзитирањето не се едноставни процеси. Хормонските терапии секогаш со себе носат ризик, а ако се земаат во раниот пубертет, сите тие блокатори и крос-секс хормони доведуваат до тоа човекот подоцна никогаш да не може да развие зрели сперматозоиди или јајце клетки.
„Дали некој на 12, 13 или 14 години може да замисли како би можел да се чувствува кога ќе има 35 и сфати кога всушност ја донел одлуката за својата плодност?“, прашува докорката Бернадет Врен, главен психолог во една лондонска клиника.
Но, што е навистина најново со Макс?
Ништо посебно, веќе неколку години е женско, каква што била од раѓање. Живее со Кити, се сакаат. Амa и Кити се идентификува како трансџендер па сака да транзитира. А Макс ја убедува да не брза.