Како падна најстрашниот нарко-клан во Албанија

Специјалната албанска полиција деновиве објави обвинение на 282 страници против нарко-картелот на Франц Чопја и браќата Чела, најмоќните шверцери на дрога во Европа. Озлогласениот клан Чела-Чопја бил толку моќен што ја диктирал цената на кокаинот на континентот. Милијардите од шверц на дрога ги переле преку недвижнини, луксузни туристички резорти и вили на албанскиот брег.

Во врвот на својата моќ, Франц Чопја (33) и Ервис Чела (41) во Европа носеле десетици тони кокаин и заработувале милијарди евра. Го контролирале целиот синџир на трговија, од производството во латиноамериканските лаборатории, преку транспортот преку океанот до дистрибуцијата на европските пазари, се наведува во обемното обвинение на Специјалните албански полициски сили за борба против корупција и организиран криминал.

Пресретнати комуникации укажуваат дека имале толку многу кеш што размислувале дали да ги закопаат на плантажа со 200 маслинови дрвја или да ги претворат во стотици килограми злато. 

Оваа криминална банда е една од најмоќните албански организации во меѓународната трговија со кокаин, изјавија обвинителите Алтин Думани и Владимир Мара.

Агентите на СПАК со години ја граделе операцијата за разбивање на кланот Чела-Чопја. Во 2020 година успеале се пробијат во нивниот систем за шифрирани пораки, со што добиле пристап до милиони комуникации. Во Амстердам била пресретната пратка со кокаин од 1,5 милијарда евра, а во 2021 година во повеќе европски пристаништа им биле откриени 16,4 тони кокаин во вредност над 3 милијарди евра, што е најголема заплена во историјата на континентот. 

Во 2023 година Чопја бил уапсен во Дубаи. Бил екстрадиран во Белгија, каде што му се суди за убиство. Тој се смета за логистички мозок зад операцијата, обезбедувајќи го трансферот на кокаин преку пристаништата во северна Европа.

Чела ги управувал операциите од Парагвај. Во Италија бил баран поради мачење и убиство на Петрит Кечи, соперник од друга албанска банда што настојувала да им го преземе бизнисот за проституција во Сан Бенедето дел Тронто. Заедно со братот Адријан и партнерот Хисени Фатос го претепале, му истрелале шест куршуми во главата и му го запалиле телото за да го прикријат злосторството. 

По 11 години во бегство, Чела бил уапсен во албанското приморско село Чепаро на 29 јуни, заедно со двајца браќа. До почетокот на август биле приведени уште осуммина од бандата. Згора на казната што ја очекува за трговија со дрога, Чела мора да отслужи 21 година затвор поради убиство, киднапирање и мачење.

Од имотот што го запленил СПАК, највпечатливо е приморскиот центар „Ајман парк“ во Шијак, западно од Тирана. На сè уште активната страница на интернет, хотелскиот комплекс нуди 24-часовна заштита на оние што ќе ја изнајмат вилата Марвел заради свадби или ќе вечераат во ексклузивниот ресторан.

Заплените претставуваат ретка интервенција од албанските власти, кои речиси никогаш не почнале истраги за потеклото на големиот капитал што се влева во туристичкиот и градежниот сектор во земјата.

19 август 2025 - 15:01