Пред повеќе од десет години на он.нет беа објавени извадоци од семинарски на студенти на УКИМ, под наслов „Кириле, пази студент!". Бидејќи на времето нивното објавување изврши значајна педагошка функција, еве ги пак, збогатени со неколку нови. Просветителството не е лесна работа, ама долгорочно се исплати - да не беа светите браќа немаше да можеме ни да пишуваме, а камоли да пишуваме бисери.
Човекот денес е можеби најсупериорното суштество на планетата. А почнал од нула.
Еволуцијата одела по природен пат, најчесто преку секс.
Единствените живи суштества со кои луѓето доаѓале во контакт биле душите на мртвите.
Како што рекол Штраус...Штраус понатаму вели...
(се мисли на Claude Levy-Strauss, попознат како Леви-Строс)
Главен актер во сточарските обичаи е самата стока. Таа презема ритуални дејства заради сопствена заштита.
Никој кој живеел на планетава не можел да остане рамнодушен на човековото страдање.
Главна гранка на овчарството е одгледување кози.
Ваквата употреба на орудија од страна на мајмунот укажува на неговиот ад-хок пристап кон истите.
Алатот кај човекот буди инспирација.
Во антиката биле развиени сите науки, а и некои други.
За среќа, во времето на прачовекот, технолошкиот развој бил мошне бавен, па интелигенцијата и свеста имале добри шанси во трката со него.
За крај би требало да се спомнат некои пронајдоци, кои иако биле направени со добра намера, сурово им се вратиле на нивните пронаоѓачи. Некои луѓе настрадаа од своите пронајдоци. Да ги споменеме само хероинот, ЛСД-то, црешовото топче, атомската бомба, и други фатални изуми.
Денес живееме во глобално село, каде човекот има можност да биде граѓанин на светот.
Бонус, потазе, ама исто толку добри:
Во минатото жената била доста дискриминувана.
Под крвно сродство се подразбира блискост помеѓу мажот и жената по биолошки пат.
Најчесто речиси секогаш, со семејниот имот располагале мажите.
Прв водач на Кина бил Мао Це Тунг. Таа и до ден денес е капиталистичка држава.
Населението во Кина брои околу 3,5 милијарди жители.
Тоа е илустрирано со поговорката: „Од жена слепа и глува да те чува Господ".
Еротското во обредите под маски ја има функцијата на докажување дека е природно луѓето да се привлекуваат едни со други.