Денес (27.11.) во организација на Факултетот за филологија, преведување и комуникација при Универзитетот во Валенсија, Шпанија, нашата професорка Даниела Тошева од катедрата за класични студии при Филозофскиот факултет одржа онлајн предавање - „Жените, насилството и борбата за правда во доцноантичкиот Египет“.
Тоа започна од прашањето - кому можеле да му се обратат и кој навистина имал моќ да им помогне тогаш на жените-жртви на насилство? Секако, треба да се земе предвид дека не секоја жена го имала „луксузот“ воопшто да се пожали, бидејќи пишувањето петиции до одговорните чинело пари и подразбирало ангажирање нотар. Тоа значи дека тие не ги пишувале своите сведоштва сосема слободно, туку се обраќале преку однапред обрасци, на јазик што го наложувала самата форма. Затоа, нивните гласови стигнуваат до нас веќе обликувани според правилата на институциите од кои барале помош. Од друга страна, токму воспоставената процедура со поднесување писмени претставки овозможила сведоштвата да бидат сочувани.
Важна е и разликата во правниот статус на жените. Мажената жена, како и девојката што живеела во домот на татка си, се сметала за „заштитена“: таа не можела самостојно да влегува во економски трансакции. Ако некој надвор од семејството ѝ нанел неправда, жалбата често ја поднесувал нејзиниот машки застапник, бидејќи тој бил оној што се сметал за оштетен. Поинаква била положбата на вдовиците, кои самостојно управувале, или барем требало да управуваат, со своите работи.
Во петиција од четвртиот или петтиот век од нашата ера, жена по име Аурелија Атиаина му се обраќа на воен офицер со полициски овластувања. Таа раскажува дека извесен Паулос се оженил со неа со сила, а потоа ја напуштил со нивната мала ќерка. По посредување на црковни лица, тој се согласил да се врати и потпишал договор според кој, доколку повторно ја напушти, ќе мора да плати казна од две унци злато. Неговиот татко дури дал и писмена гаранција. Но, договорот не ја заштитил: сопругот продолжил со насилството, ја ограбил куќата, а по формалниот развод повторно ја грабнал, ја затворил во својот дом и ја оставил. Овојпат Атиаина не бара помирување, туку тој да биде повикан пред властите, да ја исплати договорената казна, да ги надомести штетите и да биде казнет за она што ѝ го сторил.
Особено сурова е приказната на Софија, вдовица која во шестиот век му се обратила на највисокиот провинциски управник. По смртта на нејзиниот втор сопруг, човекот по име Сенутес ја затворил во својот приватен затвор, каде што поминала пет месеци. Била тепана со стапови, камшикувана по стапалата и сурово обесувана, затоа што одбила да ги прифати неговите барања. Иако локалниот управник наредил да биде ослободена, наредбата не била исполнета. Во меѓувреме, нејзиниот имот останал незаштитен, а подоцна ѝ било одземено и детето. Случајот е особено значаен затоа што постоеле царски закони што забранувале вакви облици на приватно затворање и присилно задржување, но нивното постоење не значело дека жените навистина биле заштитени.
Овие приказни не се статистика за насилството во доцноантичкиот Египет. Папирусите, како што спомнавме, ги зачувале само оние случаи за кои некој можел и имал средства да состави документ. Не знаеме колку жени никогаш не успеале да побараат помош, ниту што се случило со сите оние чии петиции ги читаме. Но, сочуваните сведоштва јасно покажуваат дека насилството не завршувало со физичката повреда: тоа значело и одземање имот, ограничување на движењето, присилување на брак, затворање и злоупотреба на моќта. Жените се обраќале до епископи, гувернери, службеници и највисоки провинциски власти, но нивните барања често наидувале на неуспешни ветувања, одложувања или непочитување на наредбите. Звучи познато, нели?