Календарот – што може да биде попознато и појасно? Ете тоа на часовникот е очигледно денешниот датум 22 декември 2015 година. Но нашето знаење почнува да се двоуми кога ќе ни кажат дека денес всушност не е 22 декември, туку 9 декември по црковен календар. И годината не е 2015, туку 7523 сметано од создавањето на светот. Ах, таа календарска бркотница! Ако прашате некого кога ние празнуваме Божик ќе добиете одговор: на 7 јануари. А Преображение Господово – 19 август. А Покров на Божјата Мајка – 14 октомври. Или, всушност, 25 декември, 6 август, 1 октомври – така би било според Јулијанскиот календар, според кој се води нашата Црква. И сега се поставува прашањето дали Црквата треба да го сочува тој календар, или да премине на оној по кој живее „целиот цивилизиран свет" и на кој преминаа некои Православни Цркви.
Денес постојат два календари: еден древен, таканаречениот Јулијански календар, кој бил изработен во 46 г. пред Христа од страна на александрискиот астроном Созиген, а на иницијатива на римскиот владетел Гај Јулиј Цезар, според кого и го добил името. Овој календар бил прифатен од страна на Црквата во IV век со извесни измени. Но, Јулијанскиот календар не е сосема точен: тој се разликува за 11 минути и 14 секунди од вистинската сончева (тропска) година. Оваа разлика за 400 години се искачила на 3 дена, 2 часа, 53 минути и 20 секунди, а пак, во 1700 година.
Подоцнежниот календар е Григоријанскиот, исто така црковен, изработен по указ на папата Григориј кон крајот на XVI век. Имено, веќе во средниот век, тогашните научници ја воочиле неправилноста на Јулијанскиот календар. Па така, на иницијатива на споменатиот папа, во 1576 година била формирана посебна комисија од астрономи и математичари која имала за цел да спроведе реформа на Јулијанскиот календар. По шестгодишна работа, комисијата предложила конкретни мерки за реформа на календарот. Мерките биле прифатени од папата, кој на 24 февруари 1582 година издал посебна папска була позната како "Intergravisimus". Во овој документ биле содржани т.н. "Canones in Calendarum Gregorianum", односно мерки за реформа на календарот. Со нив, меѓу другото, било утврдено секоја година пролетната рамноденица да биде фиксирана на 21 март. Понатаму, со цел да се изедначи дотогашната разлика меѓу јулијанската и реалната (тропска) година, која во 1582 година изнесувала 10 дена, со папската була било решено, во таа година 5 октомври да се смета како 15 октомври.
Овој календар стана примарен во католичка Европа. Потоа, од практични причини постепено почнаа да го примаат и другите народи, и денес се користи на глобално ниво. Но токму затоа што преминот на друг календар беше извршен од страна на световните управи без да се консултира Црквата, се појави еден раздор, една поделба која и ден денес постои: на некаков црковен и светски календар и токму во тоа се крие денешниот основен проблем со календарот во православниот свет.
Дополнителен проблем е сметањето на Велигден, кое се врши со Пасхалија. Пасхалијата е систем кој е создаден во крајот на III и почетокот IV век, за пресметување на датумот на празникот Пасха (Велигден) според пролетната рамноденица, која во Јулијанскиот е подвижна, а во Григоријанскиот календар е фиксна. Бидејќи Пасхалијата е заснована на Јулијанскиот календар, Григоријанскиот календар не може да биде приспособен кон неа. Целиот православен свет традиционално се придржува кон Александриската Пасхалија, а католиците, бидејќи сопствена Пасхалија не разработиле, прават дополнителни корекции на Пасхалијата за да ја прилагодат на календарот. Со неа се одредува поредокот не само на литургискиот живот, туку и поредокот на самата литургиска година. Имено, врз основа на Пасхалијата е формиран системот на христијански празници, којшто почнал да се создава уште од IV век и веќе од VI век го добил денешниот современ вид. Календарот ја има улогата на организатор на литургискиот живот. И ете зошто според своето значење, Јулијанскиот календар е тесно поврзан со црковната традиција и секој обид да се издвои од неа, неминовно приведува кон сериозни соблазни и искушенија за луѓето коишто се навикнати на оваа литургиска традиција.
Освен тоа постои проблем со Григоријанското сметање на времето после 2100 година. Имено, тогаш сите датуми на неподвижните празници ќе се поместат, па нашите потомци ќе треба да го празнуваат Рождество Христово на 8 јануари, што ќе предизвика бура на емоции. Иронијата е во тоа што кај нашиот народ нема навика да се гледа и втората графа во календарчето, каде што стои точниот црковен датум на празнувањето на Рождество Христово, односно 25 декември, па сега сѐ повеќе се утврдува во мислењето дека всушност 7 јануари е вистинскиот ден на празнувањето. Замислете сега што ќе се случи кога после 2100 година ќе треба да се празнува 8 јануари како ден на раѓањето Христово, веројатно ќе ни се случат нови соблазни и поделби, па можат да ни се појават и „Ортодоксни божикославци", кои сентиментално се поврзале со празнувањето на Божик на 7 јануари и нема да се помират со ваквото „поместување".
Дали, пак, со црковните канони прецизно е утврдено кој календар треба да биде во црковна употреба? Не, тоа прашање не е предмет на црковните канони и догматиката и затоа Црквата, православната догматика не застапува ниту еден календар, оставајќи го тоа прашање на науката и пред сѐ на слободното уверување на секоја помесна православна црква. Наспроти граѓанското сфаќање, ниту една православна црква го нема признаено Григоријанскиот календар за црковни или религиозни намени. Наместо тоа, во мај 1923 година била предложена нова верзија на Јулијанскиот календар, наречен Ревидиран Јулијански календар, кој испуштил 13 дена во истата година и вовел поинаква престапна година. Во однос на прифаќање од другите христијански цркви, Ерусалимската Патријаршија, Руската, Грузиската, Српската, Македонската и Полската Православна Црква, го немаат прифатено Ревидираниот Јулијански календар и продолжуваат да го прославуваат Божик на 25 декември од Јулијанскиот календар, кој до 2100 година ќе се паѓа на 7 јануари.
Кај нас, како и кај повеќето православни земји, Црквата го запазила Јулијанскиот календар, јавувајќи се со тоа како заштитничка на традицијата стара илјада години. Но треба да се знае дека самиот календар не е дел од учењето на Црквата, така како што е догматиката, односно главните начела на православната вера, а кои се однесуваат на Божјата суштина, воплотувањето на Христа, улогата на Пресвета Богородица и човековото битие како икона Божја. Тој е дел од црковната култура, дел од црковната традиција, дел особено практичен, дел којшто се оправда себеси со илјадалетната историја. Но, со оглед на тоа што во практична и државна употреба е Григоријанското мерење на времето, полека од свеста на луѓето се губи споменот за вистинските датуми на празнувањето на празниците. И навистина кој може да каже кој датум е според Јулијанскиот календар? За жал, од практични причини сите празници веќе одамна се преведени на Григоријанскиот календар. И веќе одамна православните го слават Рождество Христово на 7 јануари, а не гледаат на црковното сметање според кое 7 јануари е 25 декември по стар стил. Па кога ќе им кажеш дека православните всушност го слават Рождество на 25 декември, тие не го сфаќаат тоа. Ист е случајот и со Нова година. Малкумина од новите генерации знаат дека 14 јануари, познат по така нареченото празнување на „Стара Нова година" е всушност 1 јануари, токму поради тие 13 вишок денови кои Григоријанскиот календар ги избришал од годината. Исто така, нашиот најголем национален празник, Илинден, во памтењето на народот веќе се идентификува со 2 август, а од историска гледна точка знаеме дека не е така, бидејќи востанието било кренато на 20 јули, кога граѓански календар кај нас бил Јулијанскиот. Од друга страна пак, пред неколку години беше воведен и празникот на Македонската револуционерна борба, а како датум е земен датумот на основањето на ВМРО – 23 октомври според Јулијанскиот, што според Григоријанскиот календар би се паднало на 6 ноември. Но, овој факт не беше земен во обѕир при воведувањето на празникот, така што доаѓа до извесна забуна, бидејќи некои празници (Илинденското востание) ги прилагодуваме на календарот, а некои (Денот на ВМРО) не.
Без разлика кој и систем на мерење на времето да го одбереме како официјален, што секако нема да зависи само од Црквата, туку и од најновите достигнувања на науката и астрономијата, сепак, би било од голема полза доколку и традиционалното црковно сметање на празниците си најде свое место во свеста на современиот човек. Имено, да остане запаметен 25 декември како датум на Рождеството Христово, па дури и да му се даде предност во однос на другиот календар по којшто функционира светот. Од практични причини секако, важност ќе му се даде на световниот календар, тоа е нормално, поинаку и не може, но сепак, при одбележувањето на празниците црковниот календар треба да го има примарното место.