„Денес ми изгледа малку позамислен" и „Оделото му беше попеглано вчера" се само некои од коментарите на дури 54,534 фанови на Фејсбук страницата под наслов „Истата фотографија на Тото Кутуњо секој ден". Дневната фотка во просек добива и по 1,500 лајкови. И не само тоа - има и страница за страницата со сликата на Кутуњо. Така, една од нив објавува необично фотошопирани верзии од сликата.
Целата работа стана толку бизарна што го привлече вниманието на истражувачите во италијанскиот Институт за напредни студии во Павиа. Тимот подолго време го проучува начинот на којшто луѓето консумираат содржина на социјалните медиуми, и велат дека токму овој сајт е совршен контролен примерок за нивните експерименти. Додека повеќето страници содржат широк опсег различни постови, кои привлекуваат различен степен на интерес - број на лајкови, споделувања и коментари - оваа е стабилна и оттаму може да покаже каква е интеракцијата на корисниците со страница кога нејзината содржина е постојана (за резултатите од нивната досегашна работа, тука)
Сега се појавуваат и имитации на сајтов, како што е „Секој ден истото маче", со слика на - маче. А нас пак сето ова нè потсети на Јутјуб каналот на Викторија Харт, за којшто пишувавме тука, во коишто таа одбројува наназад на дисплеј на микробранова печка, во првото видео од 9:99, во второто 9:98 итн. Иако не е јасно дали авторот на сајтов за Кутуњо ги имал истите уметничко-експериментални амбиции како и Харт, го поздравуваме секој обид за „спуштање на топката" на интернет, и воспоставување некаков, макар и замислен баланс со поплавата од „ексклузивни" и „нема да ви се верува" постови. Овој со Тото е баш за таков наслов.
PS. Веднаш по објавувањето на постов ни стигна информација за ист ваков сајт посветен на наша домашна легенда.