Викторија Харт или Ви Харт, која самата се опишува како „рекреативна матемузичарка", е најпозната по нејзините математички видеа на Јутјуб, особено по оние направени во соработка со професорот по компјутерски науки на MIT, Ерик Демеин. Од ноември 2013 таа на својот канал собрала 650,000 претплатници, а нејзините видеа се имаат повеќе од 44 милиони прегледи. Очигледно обработувањето на математички теми од страна на некој кој е професионално образован во областа на музиката не само што е необично, туку е и крајно интересно.
Но Ви Харт во јануари отворила и втор Јутјуб канал, Vihartvihart, на кој, како што најавила, ќе постира „глупави работи за кои повеќето луѓе не им е гајле". Првото видео се викало 9:99, и сè што се гледа на него е микробранова печка чиј дисплеј одбројува од 9:99 наназад, со тоа што Ви Харт го изговара секој број на глас.
Добро...Нејзините верни фанови со нетрпение го очекувале следното клипче, веројатно мислејќи дека ова е блага зафрканција. Второто видео? Скроз исто, само една секунда пократко
„Ова е или најдобрата финта кој некој ја направил на Јутјуб или ќе си загубиш фанови за ништо", напишал некој во коментарите. „Глупости", напишал друг, „најдоброто објаснување е дека женава полека забегува". Првото видео имало околу 35,000 прегледи, второто само 12,000. Оние што останале почнале да се прашуваат дали има нешто во печката, и што е целава финта. За нив следело и трето видео, со наслов - веројатно погодувате, 9:97. Коментарите:
„Е ова е како да гледаш како расте трева",
„Ова е веќе морничаво"
но и
„Ова е конечно здив свеж воздух. Видеово е нешто посебно. Дело кое може да се споредува со Моцартовиот Реквием".
Да скратиме - последното видео се вика 9:93, а кликнато е само 3,460 пати. Бројките паѓаат но девојкава не се откажува. Зошто? Можеби едноставно се забавува. Можеби како интернет „селебрити" е под постојан притисок да произведува „интересно" и „поинтересно", па ова ѝ е начин да си поигра со концептот, (не)намерно пародизирајќи го. Клип ѝ е, двор ѝ е. Можеби зад сето ова и не стои некоја разработена порака, но зошто па да не ја разработиме самите? Замислете интернет на кој одеднаш сè што ќе се постира ќе мора да биде смртно досадно, на кој како најдобра ќе се оценува статија со најмалку кликови и видеа на кои не се случува ништо особено? Колку ќе се изненадите, кога по еден месец гледање снимки на чешма што капе, одеднаш ќе снема вода? Или кога цвеќето чиј раст неуморно сте го следеле конечно ќе пушти цвет? Е тоа видео ќе биде она оправдано најавено како „Ексклузивно!!!", кое тој ден ќе го загуши интернетот.