Некој новинар му раскажувал на Симиќ дека додека престојувал во домот на поранешен американски претседател бил очаен за некакво четиво, па се вдал во потрага по каква и да е книга или списание. На негово изненадување, низ целата, инаку огромна куќа, не можел да најде ништо на хартија и со букви, дури ни флаер со реклами.
Ваквите проблеми со недостаток на литература во ретките мигови на спокојство кои ги минувате во тоалетот очигледно не се ретки, штом некому му текнало да состави антологија со наслов „Клозетска читанка на вујко Џон", која на Амазон е опишана на следниов начин:
„Конечно...Еве ја...Книгата која ја очекувавте! Нема веќе нервозни потраги во последен миг по совршениот напис. Нема мачни избори помеѓу лесно четиво и сериозни теми. Оваа книшка има сè: забава, хумор, образование, тривијалности, наука, историја, поп култура...и повеќе од тоа! Дури е и поделена според должина на текстовите - можете да минете минута со Брзинските, да се опуштите со статии кои се Нормални, или човечки да се раскомотите со Долгите".
Симиќ се прашува дали некогаш е спроведена анкета за тоа како луѓето го минуваат времето во тоалетот. „Читаат ли, пушат ли, разговараат ли сами со себе, размислуваат ли, се молат ли, или само се џарат во празно?". Сите тие сијалици кои светат долго во ноќта во клозетите низ светот тераат на помисла дека таму се одвива нешто повеќе од само одговор на повикот на природата, било да се работи за несоница, или бегање од партнерот кој р'чи."
Тој се сеќава на своето детство во Србија, кога полските клозети на село биле секојдневие, а тоалетната хартија „декадентен луксуз". Затоа пак имало куп стари весници кои, освен што имале хигиенска намена, претставувале и четиво кое на авторот му служело како „дополнување на образованието" и извор на забава. Секое семејство имало барем еден член кој сакал да минува невообичаено долго време на шољата читајќи, додека пред ВЦ-то се создавал ред од нервозни станари.
Како гостин во туѓи домови, Симиќ често наидувал на фасцинантни примероци на клозетски книги, за кои било тешко да се сфати дали служат да го импресионираат посетителот (Платонови дијалози во оригинал на грчки, Марксовиот Комунистички манифест) или се мала шала (мемоари на бивши претседатели на САД). Поезијата е ретко присутна во тоалетите, дури и во домовите на поетите, но шокатно откритие за Симиќ било што некои луѓе во клозет ја читаат дури и Библијата.
Омилена за во клозет на Симиќ му е сепак референтната литература - Гинисовата книга на рекорди, Речникот на филозофија или Фармерскиот алманах. Но во итни случаи ќе заврши работа и каква и да е безначајна статија или сочен трач за славните од жолтиот печат. На некоја досадна забава тој одлучил да мине подолго време во тоалетот, но таму единствено четиво била кутија со сируп против кашлица, со упатство напишано со екстремно ситни букви, кое детално го проучил. Сериозното размислување кое се одвива на шољите според него е потценето во историјата на културата - тој ја цитира мислата на Паскал кој вели дека поголемиот број животни зла произлегуваат од човековата неспособност мирно да седи во една просторија. Изумирањето на литература на хартија е уште една причина за намалувањето на бројот на клозетски читатели, но можеби некој ќе се сети да им направи електронски читачи посебно дизајнирани за употреба во клозети, јавни ВЦ-иња и други места за олеснување и културна рекреација.