Црно-белата драма „Ева“ е сместена на изолиран грчки остров во периодот по Втората светска војна, кога впрочем е и сниман филмот. Главниот женски лик, преубавата Ева, живее во раскошна куќа, но во несреќен брак и во монотонијата на секојдневието. На прошетка крај брегот налетува на младиот и згоден Антинос, кого го заведува - толку брзопотезно што сцената делува дури и неприродно, како да станува збор за мит или сон. Таа „неприродност“ односно несоодветност на нејзиното однесување сигурно била уште пошокантна за гледачите во далечната 1953-та. Ова е навестено и во самиот филм преку реакциите на возрасната слугинка, која воздржано но сепак одлучно на секој нејзин екцес на својата господарка извикува „Ева, ма!“.

Неговата авторка, Марија Плита, всушност е првата режисерка во грчката кинематографија. Родена во Солун во 1915 година, пред да се посвети на филмот, веќе била афирмирана романсиерка и драмска авторка. Во киното влегла во периодот на Граѓанската војна во Грција, најпрвин работејќи без наведување во шпиците или како уметничка директорка. Режисерското деби го имала во 1950 година со филмот „Свршувачките, а во текот на две децении режирала вкупно 17 играни филмови, од кои повеќето имале добар прием кај грчката публика. „Ева“ има и посебно место во музичката историја: саундтракот за филмот е првата филмска партитура што ја компонирал легендарниот Микис Теодоракис.
И покрај значајниот опус, придонесот на Плита со децении бил занемаруван, а нејзиното име речиси исчезнало од историјата на грчкиот филм. Во тоа голема улога имала родовата дискриминација во филмската индустрија, но и во поширокото општество. Колку била длабоко вкоренета предрасудата кон жените режисерки покажува и познатата изјава на Филопимин Финос, најмоќниот грчки филмски продуцент во тоа време: „Жена не може да биде режисерка“. Иако зад себе оставила 17 филмови, кога починала во 2006 година, на 91-годишна возраст, на нејзиниот погреб присуствувале само неколку луѓе.
Денес, нејзиното дело повторно се открива благодарение на истражувачки проект „Непознатото кино на Плита“ (Plyta’s Unknown Cinema), а реставрираната верзија му обезбеди на филмот нов живот. Тој беше избран за програмата Кан Класикс на последниот, 79-ти Кански филмски фестивал, што беше и првпат еден стар грчки филм да биде прикажан во рамки на оваа престижна програма.
Илина, Букбокс