Ќе ви биде дозволено да дробите салата. Или да ја спакувате скарата по употреба. А ако не го сторите тоа како што треба, самите сте си криви што се бутате кај што не ви е местото. Така мисли и Милош Васиќ, кој улогата на жената во подготовката на скарата ја сведува на една, но вредна реченица.
Уште една блесава предрасуда: зошто занимавањето со скара, ражен и воопшто со отворен оган би било баш „машка работа"? Архетип од пештерското доба сигурно не е, затоа што слушам дека жени и деца одржувале оган додека бушавите фраери со топузи ловеле мамути. Сигурно не биле тие оние кои ги печеле на оган.
Тука е нешто друго во прашање. Потребата да се биде од некаква корист во тие ретки прилики кога нешто се пече на оган, во природа, секако вон кујната. Потребата - ајде сега да претерам - совеста симболично да се смири. Погледнете ги само тие Американците во филмовите и ТВ сериите (исти такви се и во реалниот живот, ги гледав): опашуваат престилка, се прават важни, се печат хамбургери подготвени во синџир самопослуги и придружни колбаси, се посипува кечап и сенф и тогаш гордо им се дели на гостите. До следниот викенд со BBQ. Жените седат на столиците за во двор, пијат нешто и чекаат мажјаците да ја треснат пластичната чинија за еднократна употреба со месиште пред нив. Патем: жените се многу вешти околу скарата, но само како професионални готвачки; често повешти од кој било маж, но - тоа е работа, тоа е нешто друго. На ниедна нормална жена не ѝ паѓа на памет да се занимава со скари, уште помалку со ражени; тоа е, гласи општествениот консензус, „машка работа", нели?
Е сега: јас сум ентузијастичен промотор на половата (родова?) рамноправност. Мислам дека жените можат во војска, ако баш запнале (притоа не ја гледам смислата на војската, но тоа е друго); мислам дека во полицијата се многу корисни; дека знаат да бидат одлични пилот(к)и и така натаму. Се буткаат - со целосно право, молам - во работи кои некогаш биле исклучиво „машки"; во скарата и ражените не се буткаат. Зошто?
Затоа што се паметни, ете зошто. Да прецизирам: вистинската скара, а не оние американско-европски будалаштини на плин и на брикети, бара како прво пила и секира. Добро: тоа можеби и треба да им се препушти на мажјаците. Како второ, жарта треба да се направи така за да трае за дадено количество месо или риба. Слично е и со раженот, затоа што јарецот или волот треба добро да се набие и да се зацврсти, што бара нешто физичка сила, како и вртењето на раженот - ако човек веќе нема, како мојот роднина Нешо од Пула, електромотор кој тоа го прави сам (тој со нежност го вика „електричен Србин", работи на 220 или на 12 волти, споро и убаво). Жените, значи, молчешкум прифатиле дека скарата, и особено раженот, е „машка работа". Зошто да не, кога мажите веќе запнале и кога толку им значи? Впрочем, кој од себе без потреба би правел будала и би се правел важен (стручно: би се курчел) околу некаков оган и скара или ражен?
Погледнете ги следниот пат мажите околу скарата или раженот: се мрчи, се изведуваат подготовки, се бара лоза или пиво секој момент, сол, рузмарин, уште дрва, тоа изгледа како да се дестилира каменот на мудроста. Магнум опус, јака работа: да се испече на скара некакво месиште или на градели некои риби (кога се печат риби, тогаш се градели, запамтете да не се брукате по Јадранот!). Малку исправна проценка на количеството дрва во однос на количеството храна, масна решетка, нешто за преливање и сигурносна маргина за жарта (за после да се испече и нешто зеленчук или садот со финалниот производ да се подгрее на жар и топол да стигне на масата); јака работа...Ништо што едно женско не би можело да го стори.
Добро, знае да биде напорно, повеќе досадно. Ете, пред некој ден на градели испеков куп инќуни од по 10 сантима секој; едно 150 парчиња. Убави и свежи, не велам, но секој од нив треба да мине низ маслиново масло, да се стави фино на скара и потоа да се врти кога ќе биде готов од една страна, што не е едноставно - освен што е заморно - затоа што жарта не е рамномерна. А гостите, добри луѓе и убави жени, како се прават фини, не сакаат да почнат додека јас не завршам, и не можеш да им објасниш дека од скарата се јаде топло. Јадете и пуштите ме да го завршам тоа во потта на лицето мое! Во таквите ситуациии жените ќе направат некаква салата, обично повеќе отколку што треба и - чекаат. Секако.
Раженот е уште поголем блам, затоа што скарата е барем работа за еден. Тука сите мажи се собираат додека еден врти, отвараат едно пиво по друго (тоа е за жртвата-паленица, велат) и локаат. Пред тоа се карале дали има доволно сол, дали треба да се шпикува со лук и сланина (треба, но секогаш има издвоени и досадни мислења), дали е жарта доволно јака и слични будалаштини. Жените седат малку подалеку и гледаат. Најсрамната сцена се случува пред крај, затоа што машките мислат дека знаат се за раженот, како да е тоа фудбал или политика. Јагнето или јарето е готово речиси половина час после последниот паничен крик - „Вади го!".
Дали е сега јасно зошто жените не се мешаат во оваа работа?
автор: Милош Васиќ, „Време“