Пирамида на мртвите: споменик во кој секој може да остави дел од себе (буквално)

Што ако наместо урна, гроб или расфрлање на пепелта, по смртта добиеме свое место во заеднички споменик – пирамида изградена од тули во кои се вградени кремираните останки на илјадници луѓе? Оваа необична идеја веќе се реализира во Биркенхед, Англија, каде што секоја година се одржува Денот на мртвите – необична комбинација од уметнички перформанс, јавна прослава, заеднички ритуал и колективно сеќавање.

Проектот се вика People’s Pyramid (Пирамидата на луѓето или Народна пирамида), а зад него стојат Џими Каути и Бил Драмонд, членовите на култниот британски музички дуо KLF, познати по своите експериментални уметнички акции. Идејата е да се изгради монументална пирамида од вкупно 34.592 тули, од кои секоја содржи мал дел од кремираните останки на еден човек. Процесот го нарекуваат „МуМуфикација“ (MuMufication) – во секоја тула се ставаат 23 грама пепел, кои потоа се печат сè додека не се претворат во глазура. Луѓето можат да се пријават за нивните останки, или останките на нивни блиски, да станат дел од пирамидата. Оваа година во неа беа додадени уште 39 луѓе, со што вкупниот број достигна 159. Засега пирамидата се чува во контејнер, но постои идеја таа да добие трајно место во паркот Биркенхед.

За Каути, проектот има и многу лична димензија. Неговиот брат, кој ненадејно починал во 2016 година, бил првиот човек чии останки биле вградени во пирамидата. Иако неговиот погреб бил убав, Каути чувствувал дека тоа не е доволно спектакуларен начин да се одбележи животот на човекот што го изгубил. Сакал нешто што повеќе би одговарало на неговиот карактер – нешто необично, впечатливо, можеби дури и малку лудо. Подоцна, и други луѓе го препознале проектот како начин да им оддадат почит на блиските кои не би сакале традиционален погреб. За еден од учесниците, уметникот Ед Бредбери, тоа било идеалниот споменик за неговиот татко, ексцентричен и неконвенционален уметник. Неговото семејство случајно ги зачувало токму потребните 23 грама пепел во кутија од кибрит. Денес, семејствата на луѓето вградени во пирамидата се нарекуваат „тули-семејства“ и се среќаваат секоја година.

Секоја година се организира голема поворка низ паркот, со учесници во рефлектирачки елеци, димни бомби, музика, транспаренти и запалена количка од супермаркет која служи како подвижна огнена корпа. Поворката изгледа како мешавина од протест, уличен карневал и ритуал од некоја измислена религија. На местото каде што се гради пирамидата се изведуваат симболични обреди, се повикуваат имињата на починатите, а нивните блиски ги носат тулите и ги предаваат за да бидат вградени во споменикот. По свечениот момент на молчење следува и минута во која присутните ги извикуваат имињата на мртвите – со крици, плачење и ослободување на сè што вообичаено се потиснува при достоинствените, тивки погребни церемонии. Во текот на истиот ден има музика, танцување и забава, но и моменти на длабока тага и заедничко сеќавање.

извор

26 ноември 2026 - 10:57