Номен ест омен

Скулптури на Ник Кејв

Имаме обичај од време на време. од ништо предизвикани, да проверуваме што има ново кај нашите омилени автори, куцајќи го нивното име во Гугл, па кликајќи на „новости". Оваа за Ник Кејв малку нè збуни.

Веста е дека Музејот на уметност Крајслер од Норфолк, Вирџинија, ја збогатил сопствената колекција со некакво чудно одело, едно од осумте кое Ник Кејв ги креирал користејќи играчки: онакви кутии од кои излегува џокер, разни тропалки, копчиња, метални птици и цвеќиња, собрани од различни места како бувљаци, отпади и фабрички продавници. Иако тие се во принцип статични, значи се скулптури, направени се и така за да можат да се облечат и да се користат на перформанси или за време на карневали, како некакви церемонијални костуми.

 

 

Хм..знаевме дека Кејв студирал сликарство и фини уметности, дека е генерално креативен, ама дека правел вакви костими, за тоа прв пат слушнавме. Епа запознајте го во нова светлина, г-динот - Ник Кејв!

Роден 1959 (две години помлад од 'нашиов'), Афро-американец е, скулптор и танчар кој живее во Чикаго, и сигурно веќе отрпнал на реакциите од типот „Кејв? Ник Кејв? Како оној, музичарот?". Ама еве, овој пат името му се исплатеше, затоа што инаку можеби никогаш немаше да чуеме за него и неговиве интересни скулптури. 

16 септември 2012 - 22:52