
„Економист“ тврди дека легализацијата на кокаинот нуди многу предности за општествата, но додава дека оваа идеја сè уште не е прифатлива за политичарите и нивните гласачки бази во повеќето земји.
Единствениот и најефикасен начин за намалување на убиствата, насилството и корупцијата би бил легализирање и регулирање на производството и потрошувачката на кокаин. Ова би ја спуштило цената, а со тоа и потенцијалниот профит од шверцот, кој е главниот мотив за најнасилните криминалци во светот, наведува магазинот.
Затворите би биле попразни, а обвинителствата и судовите би можеле да се фокусираат на посмртоносни синтетички дроги. Корисниците би добиле дроги со проверен и гарантиран составот и квалитет, наместо да бидат изложени на опасни мешавини.
Потрошувачката на кокаин и синтетички опиоиди е во подем во Европа и брзо расте во Африка и Азија, поттикнат од огромните профити и жестоката конкуренција меѓу криминалните банди. „Економист“ наведува дека цената на килограм кокаин се зголемува за 120 пати од производствената до црниот пазар. Ќарот на нарко-бандите од фентанилот е уште поголем – цената што ја плаќаат корисниците е 1.000 пати повисока од производствената. Во пресметките за овие профити секоја година има по 100.000 убиства. Насилството е особено изразено во пристанишните градови во Европа и на пацифичкиот брег.
Американскиот претседател Доналд Трамп реши да се пресмета со нарко-бандите со воена сила. Во изминатите неколку недели во меѓународни води на Карибите со проектили беа разнесени пет брода за кои било утврдено дека пренесуваат дрога, претежно фентанил, во САД.
„Економист“ тврди дека дигањето во воздух мали бродови во Карибите или искоренувањето на полињата со кока малку им штети на оние на врвот од синџирот на снабдување и само ја зголемува цената на дрогата. Како поефикасна мерка се предлагаат програмите за одвикнување од зависност и кампањите за јавно здравје.
Легализирањето би го растоварило и правосудството. Во Англија и Велс лани имало 20.900 заплени на кокаин, најголем број по 2010 година. Бројот на кривични дела поврзани со поседување дрога, со исклучок на канабис, скокнал за 12,1% на 41.470, што е рекорд во изминатите 15 години. Сепак, само 34% од случаите завршиле пред суд, во споредба со 50% пред пандемијата.
Кокаинот е најкористената дрога во Британија, веднаш по канабисот. Податоци од март 2024 година укажуваат дека кокаин користел секој 50-ти Британец на работоспособна возраст. Помладите ја користат почесто, околу 3,8%.
***************
Реакција од читател:
Здраво Трендо,
Јас како анонимус не можам многу, но Офф.нет како портал може многу.
Како и Економист што покренува прашање за легализација на кокаинот и придобивките од тоа, ајде да разгледаме колку позитива ќе донесе ... легализација на убиствата!
Ќе се намали бројот на затвореници, исто како за кокаинот.
Судовите ќе се растеретат, исто како за кокаинот.
Цената на нарачаните убиства ќе се намали, исто како за кокаинот.
Полицијата што брка убијци ќе се растерети па и ќе се намали!
Ќе нема случајни жртви дур полицијата се пука со убијци во бекство.
Ќе нема караници помеѓу луѓето, бидејќи постои опасност да бидеш убиен пред да кажеш „абе се шалев!“
Ќе нема кражби или барем многу ќе се намалат.
Ќе нема политичари кои ќе местат тендери, ќе крадат на овој или оној начин бидејќи легално, ќе се најде некој кој би ги застрелал (тако речи „ќе се најде'“)
Политичарите ќе треба да го сторат тоа што го ветиле, а не само да лажат.
Политичарите нема да не втеруваат во војни, бидејќи би биле првите жртви на истите.
Сето тоа тешко се изведува бидејќи баш политичарите се најзасегнати, како за легализација на убиствата, така и за легализација на кокаинот.
Зошто да легализираат нешто што посредно им обезбедува прилив?
Ајде да ги легализираме убиствата!
Поздрав,
Игор
П.С. Се разбира дека се шегувам.