Земајќи го во неговиот најпотполн и најизразен вид, полуинтелектуалецот е човек кој уредно, па можеби дури и со многу добар успех завршил школо, но во поглед на културното образование и моралното воспитување не стекнал речиси ништо. Дали заради неговата вродена неспособност, или заради маните на школскиот систем, тој не добил поттик за духовно саморазвивање. Духовните вредности воопшто не ги разбира и не ги цени. Тој сè цени според тоа колку придонесува кон успех во животот, а успехот го разбира во „чаршиска" смисла, значи сосема материјалистички. Со останатите духовни вредности ја отфрла и моралната дисциплина, но не сосема, затоа што прекршувањето на таа дисциплина повлекува кривична одговорност. Сепак и во морален, како и во културен поглед, тој во основа останал примитивец. Неомекнат од културата, а со олабавена морална кочница, тој има сирова снага на претек. Школската диплома, како влез во кругот на интелигенцијата, му дала претерано високо мислење за самиот себе.
Во општествениот натпревар тој дипломиран примитивец се бори без скрупули, но со целосно убедување дека само го бара своето право, кое училиштето му го признало. Тој ги потиснува соперниците немилосрдно, како да не се живи суштества туку материјални пречки. Тој е добар „лакташ" - израз кој премина во општа употреба истовремено со појавата на полуинтелектуалците. Да претпоставиме дека во него се разбудила политичка амбиција, и дека успеал да стане министер. Таа позиција можел да ја зграпчи само преку силно буткање и стрмоглаво јуришање, и затоа смета дека таа сега е нешто „негово".
Од тоа свое достигнување, или подобро кажано плен, ќе гледа да извлече што е можно повеќе личен ќар. Ќе биде корумпиран, но нема да биде сосема свесен за тој факт: толку тоа ќе му изгледа природно и на свое место. Еден полуинтелектуалец, кога чул дека се зборува за негова оставка, рекол: „Кој е луд, да се откажува од полна чинија?!" Нему му изгледало непојмливо човек да не ја користи министерската позиција, како што било непојмливо човек крај полна чинија да остане гладен. Политичката амбиција на еден полуинтелектуалец всушност и не е политичка. Таа се состои само во тоа човек преку политика да се збогати, и на високи функции да си мине господски. Тој не ни знае за некакви повисоки и поопшти цели. Дури кога полуинтелектуалецот ќе избие на врв на политичкиот успех, се гледа колку тој морално закржлавел. Покрај полуинтелектуалецот кој успеал, постои и полуинтелектуалец кој не успеал. Како веќе вистински интелектуалец, невработен или запоставен, тој е готов опозиционер. Полуинтелектуалецот во таква ситуација е уште поопасен, бидејќи тој не знае за никакви морални обѕири кои би ја ублажиле неговата огорченост. Оттаму не беше случајно што голем број разочарани полуинтелектуалци заминаа во комунисти (авторот е починат 1954 - заб.прев.).
Полуинтелектуалецот е болна општествена појава, која обелоденува две работи:
- дека културната матрица е потребна за дополнување на националниот и политички образец, што особено се чувствува тогаш кога тие два обрасци ќе почнат да слабеат;
- дека школата која се ограничува на давање знаење, без истовремено воспитување на карактерот, не е во состојба да спречи појава на таков општествен тип каков што е полуинтелектуалецот.
Извор: Бука