Скриената историја на жените-дизајнерки на едукативни друштвени игри

Во раниот 19 век едукативните игри станале многу популарни. Во романот „Вејверли“ од 1814, Волтер Скот забележува дека историјата и математиката веќе се претвораат во игри со карти и загатки – одраз на новиот тренд на образовни карти, коцки и друштвени игри што се развиле уште од крајот на 18 век, делумно под влијание на идеите за образованието на децата на Џон Лок. Особено предничеле музичките игри создавани од жени. 

Иако жените во раниот 19 век во Европа речиси немале пристап до повисоко образование, подемот на едукативните игри им отворил простор на неколку амбициозни авторки да најдат интелектуално и креативно поле на изразување. Меѓу најистакнатите е Маргарет Брајан, директорка на училиште за девојки и авторка на научни книги, која заедно со издавачот Џон Волис ја создала играта „Науката  на спортот или задоволствата на астрономијата“  – табла налик на „Не лути се човече“, на која играчите се движат по полиња со научни феномени, но и со предупредувања за „лошо однесување“, како во полињата означени со „затвор“ или со „глупчо“.

Други рани креаторки се Алиша Кетрин Мант, која исто така направила астрономска игра и Елизабет Роуз, која создала граматички и митолошки игри. Но најплодната област за женските иновации се покажала музичката теорија, сфатена како „женска вештина“ меѓу средната и високата класа. Музичката теорија била здодевна ако се учела наизуст, но темата одлично се вклопувала во формат на игра.

Најпознатата дизајнерка на музички игри е Ен Јанг, шкотска пијанистка и учителка, која во 1801 добила кралски патент за сет игри што ги претставуваат основите на музичката теорија – првиот британски патент за игра, и единствениот во таа година даден на жена. Во 1803, како госпоѓа Ган, таа објавила и обемен прирачник „Вовед во музика“, со упатства за 22 различни игри. Мал дел од нејзините луксузни сетови постојат и денес: изработени се од махагони и слонова коска, и оттаму биле достапни само за најбогатите.

Играчките активности во овој сет служеле за учење музичка нотација, хармонија, разрешување акорди и модулација, преку трки на табла или собирање поени. Делата на Јанг се појавуваат во музички весници во текот на речиси целиот 19 век, а една статија од 1907 во The Musical Times ја величи нејзината генијалност. Харисон, иако признава дека жените правеле подобри и покомплексни музички игри од мажите, а тоа го толкува преку типичниот стереотип дека жените „се губат во деталите“ – став кој векови влијаел врз перцепциите на женските способности.

Сепак, 19 век навистина изобилувал со импресивни женски изуми во ова поле: играта „Џоко ди Еутерпе“ на Абелинде Принос од 1851; „Сер Семјуел Семибреве“, креирана од анонимна авторка во 1869; играта на Аби Т. Хејс од 1895 за учење нотација со слики; „Нота бене“ на Сара Федерстон со вртење тркало за учење ритам; и музичките коцки на Евелин Флечер, чиј метод бил поддржан од познати музичари. Според истражувањата на историјата на патентите, жените во тоа време далеку почесто добивале патенти за музички игри отколку мажите.

Денес, идејата музиката да се учи преку игри е сосема природна, од „Гитар хиро“ до бројни онлајн апликации за музичка теорија и слух. Но овие современи игри се дел од една необична – и речиси исклучиво женска – историска традиција.

27 ноември 2025 - 09:28