Ако иматe смартфон или по некое таблетче, a статистиките велат дека најверојатно иматe, тогаш веројатно една од битките кои секојдневно ги водите е идејата како да се 'исклучите' после работа. Може човек да си пушти и филм и телевизија и музика ама и тогаш, во оние мали паузи, секогаш му доаѓа идејата зошто да седи бадијала кога може малку да ѕирне да нè има нов меил, нотификација, да провери да нè има пропуштен повик или слично.
Тука е грешката. Работниот човек треба да ја прифати мрзливоста и да научи да живее со неа, вели професор Кал Њупорт од Универзитетот во Џорџтаун. Не дека нему му е до човекот туку смета дека на тој начин вработениот утредента може уште повеќе и поефикасно да работи.
Според неговите истражувања, неспособноста да се прекине со работата или пак тоа да се прави но без грижа на совест, ја намалува продуктивноста на трудот.
"Откако ќе ви заврши работата, престанете да мислите на неа. Без проверки на меилови, без ментално повторување на она што ви се случило на работа, без смислување план за утрешните задачи," препорачува Њупорт.
Тој предлага ритуалот на исклучување да се почне 10 до 15 минути пред завршувањето на работниото време кога човек ментално ќе го каталогизира сработеното и ќе направи план што му останува за утре и наредните денови. А кога веќе ќе дојде дома, да прави било што што му ги отргнува мислите од работа за на тој начин да му даде шанса на мозокот во позадина да ги процесира сите информации кои дента се собрале.
Затоа, пивото во рака, троседот под гз и пуштете го мозокот на пасење. До следното утро. Освен ако не вадите плата од место на кое од вас се бара да го исклучите мозокот кога доаѓате на работа.