
Американскиот претседател Доналд Трамп ѝ се закани на Индија со дополнителна царина од 25% за увоз на индиски производи, како притисок врз владата на Нарендра Моди да престане да купува руска нафта за да не ја финансира руската војна во Украина. На Моди му даде рок од три недели да ги поништи договорите за увоз на руска нафта за да избегне царини што за некои индиски производи би достигнале 50% - меѓу највисоките за кој било трговски партнер на САД.
На Моди не му требаше многу за да реагира. Функционери од Индија и Русија денеска на средба во Москва се обврзаа на „стратегиско партнерство“ и на продлабочување на билатералните односи. Индискиот советник за национална безбедност Аџит Довал најави дека договорот би можел да биде крунисан со посета на претседателот Владимир Путин на Индија до крајот на оваа година.
Но, ова не е единствената последица на одлуката на Трамп. Голема полза може да извлече Кина.
Кога западните земји во 2022 година престанаа да увезуваат руска нафта, Индија ја искористи можноста да купи околу 2,6 милиони барели дневно руска сурова нафта која претходно беше наменета за Европа, и тоа со голем попуст. Индија до 2021 година речиси и да не купуваше руска нафта, а сега стана нејзин најголем клиент и задоволува 35% до 40% од увозот.
Царините од САД ќе бидат штетни за индиската економија во развој. Њу Делхи треба да реши дали да трпи царини, да ги исполни барањата од Трамп или да протне руска нафта во рафинериите и да претстави дека е купена од други извозници.
За разлика од Кина, која увезува 2 милиони барели дневно од Русија, Индија нема историја на пркосење на американски санкции. Кога Трамп во својот прв мандат вети дека ќе ги казни сите што купуваат иранска нафта, Индија брзо се согласи. Овој пат Белата куќа е сериозна во притисокот врз Индија, пишува Економист цитирајќи анонимен извор добро запознаен со проблемот.
Некои индиски рафинерии веќе ги намалиле нарачките од Русија за 40-50%. Ако Индија повторно потклекне под притисокот, ќе мора да најде нови извори. Земјите од Блискиот Исток имаат резервен капацитет од 3,5 милиони барели дневно, и тоа од лесна нафта која индиските рафинерии може да ја обработуваат.
Русија би изгубила важен пазар и би била принудена вишокот да го насочи кон Кина, чии рафинерии имаат капацитет да апсорбираат повеќе нафта.
Пекинг веќе се покажа доволно цврст во трговските односи со САД и има потенцијал да ги издржи царините и тарифите. Ако Индија се откаже, Кина би добила пристап до уште повеќе нафта и тоа по уште пониски цени.