Кристофер Нолан открива дека за неговата нова филмска адаптација на „Одисеја“ на Хомер употребил повеќе од 900 км филмска лента. Филмот веќе е во постпродукција, а снимањето заврши во август. Во интервју за списанието „Емпајр“ тој објаснува дека четири месеци бил на море со актерите кои го играат екипажот на Одисеј, снимајќи на вистински локации и во вистински услови. Нивната цел била да се долови тежината, неизвесноста и физичките напори на старогрчките морепловци, кои патувале во свет без мапи и без сигурни патеки. „Сакавме да го почувствуваме она што го чувствувале тие луѓе“, вели Нолан.
Целиот филм е снимен во големиот Имакс формат, кој користи значително повеќе лента од стандардниот 35mm филм. Според проценките, Нолан има околу 100 часа суров материјал, што иако звучи многу, е помалку од количината што ја собирале некои други современи мегапродукции, како „Лудиот Макс: пат на бесот“ или „Исчезната“ на Финчер, кои имаат стотици часови материјал.
Нолан објаснува и зошто решил да го режира токму „Одисеја“. Уште пред дваесетина години бил во игра да го режира филмот „Троја“, но проектот тогаш се реализирал со друг режисер. Сега, тој вели дека како автор барал „празнина“ во филмската култура — теми кои никогаш не биле обработени со сериозност и епска тежина што може да ја понуди голем холивудски буџет и Имакс технологијата. Митологијата и класичните приказни, кои Нолан ги гледал додека растел во филмовите на Реј Харихаузен, aмериканско-британски аниматор и креатор на специјални ефекти, според него заслужуваат модерна визуелна грандиозност и кредибилитет.
Тој додава дека снимањето во реални услови — со вистински бури, сонце, ветер и морски струи — влијаело врз целото раскажување. „Секој ден светот ти се спротивставува“, вели тој, нагласувајќи дека таа физичка борба придонела филмот да добие автентичност што не може да се постигне во студио.
Мет Дејмон, кој го игра Одисеј, во истото интервју го пофалува Нолан со зборовите дека „без претерување, тоа беше најдоброто искуство во неговата кариера“. Тој бил особено импресиониран кога на плажа ја видел огромната конструкција на Тројанскиот коњ направена специјално за филмот. Во филмот игра и Том Холанд, кој го толкува Телемах, синот на Одисеј. Премиерата е планирана за јули 2026 година.