Кога сакале да создадат куче-супермен

Големиот научен експеримент од 1940-тите, со кој истражувачите се обиделе да создадат „суперкуче“, на крајот открил нешто сосема поинакво – дека ниту една раса не е природно попаметна од другите и дека развојот на кучето во голема мера зависи од неговото опкружување и раните искуства. Впрочем, исто како и човекот.

Односот меѓу луѓето и кучињата отсекогаш бил исполнет со љубопитност, но кон крајот на 1940-тите тој интерес добил необична научна форма. На специјално уредена фарма во Мејн, САД, во текот на 13 години биле следени повеќе од 500 кученца од различни раси – кокер шпаниели, бигли, шелти, басенџи и фокстериери. Развојот на секое кученце бил детално документиран уште од раѓањето: првата реакција на страв, првиот контакт со цврста храна, првата игра со другите кученца и првото замавнување со опашката. Од петтата недела, кученцата биле подложувани на тестови за интелигенција, доминација, емоционални реакции и способност за учење. 

Истражувачите сакале да дознаат дали некои раси се попаметни од други, дали имаат различни карактери, колку е важно воспитувањето и што се случува ако нормалниот развој на кученцето биде нарушен. Најамбициозното прашање било дали со селективно парење може да се создаде исклучително интелигентно „суперкуче“. По Втората светска војна, американската наука влегла во период на големи инвестиции, па проектот добил 632.000 долари – сума што денес би изнесувала речиси 9 милиони долари. Иако еугениката, односно идејата дека селективното размножување може да создаде генетски „подобри“ луѓе, веќе била компромитирана поради нејзината поврзаност со нацистичките злосторства, дел од научниците сè уште верувале дека гените во голема мера го одредуваат однесувањето. Алан Грег од фондацијата „Рокфелер“ затоа предложил да се обиде да се одгледа исклучително интелигентно куче и со тоа да се покаже дека интелигенцијата е наследна.

Кучињата биле идеални за вакво истражување поради огромната разновидност на расите. Како е можно германска дога и померанец да припаѓаат на ист вид, а да изгледаат толку различно? Истражувачите биле фасцинирани од ова прашање, но резултатите не ги потврдиле очекувањата на финансиерите. Кучињата решавале лавиринти, барале храна и извршувале задачи што барале повторено учење. Некои раси биле подобри во одредени тестови, но ниту една не се покажала како општо попаметна од другите. Имало разлики во однесувањето, но и тоа не можело да се генерализира - исто куче можело да биде плашливо во една ситуација, а храбро во друга.

Така, наместо да го потврди постоењето на „суперкуче“, експериментот ја поткопал самата идеја дека една комбинација на наследни особини може да создаде совршена индивидуа. Храброто куче може да биде корисно кога групата се соочува со опасност, но плашливото може прво да ја забележи опасноста и да ги предупреди другите. Различните особини се надополнуваат, па успехот на заедницата не зависи од тоа сите нејзини членови да бидат исти. 

Подоцна вниманието се префрлило на уште поважно прашање: како раните искуства го обликуваат возрасното куче? Во време кога биле влијателни теориите на Фројд, истражувачите почнале да проучуваат што ќе се случи ако кученцето во најраната возраст нема контакт со луѓе или други кучиња. Некои кученца биле чувани изолирано, без нормална социјална интеракција – постапка што денес би била сметана за етички неприфатлива. Истражувањето покажало дека постои критичен период, приближно меѓу четвртата и дванаесеттата недела, во кој контактот со луѓе и други кучиња е особено важен. Ако таков контакт изостане, околу 14-тата или 15-тата недела кученцата можат да почнат да се однесуваат како мали диви животни.

Околу 1958 година, проектот завршил откако фондацијата „Рокфелер“ престанала да го финансира, бидејќи станало јасно дека од него нема да произлезе „суперкуче“. Сепак, неуспехот на првичната цел се претворил во голем научен успех. Работата помогнала кучињата да станат сериозен предмет на проучување во когнитивната и бихејвиоралната наука и дала важни сознанија за учењето, социјализацијата и развојот на однесувањето.

извор

3 октомври 2026 - 07:10