Во факултетскиот професорски табор, меѓу другите реални или замислени поделби, постои и една навидум банална, но всушност многу важна - на „аналогни" и „дигитални". Аналогниот професор се познава по трагите од креда по прстите и облеката, не излегува од кабинет без неа, и добива нервен слом кога ќе види дека таблата во амфитеатарот не е избришана од неговиот последен час. Неговите „дигитални" колеги немале потреба да ја користат, а пак студентите не почувствувале нагон да ја избришат. Особено склони кон кредата како медиум се математичарите, кои знаат да паднат во транс решавајќи нешто на табла.
Токму тие и најбурно реагираат на затворањето на 80 години старата јапонска компанија Хагоромо Бунгу, која според нив ја произведувала „Ролс Ројс помеѓу кредите", но која морала да затвори заради новите технологии. Во моментов куп професори по математика од врвни американски универзитети се обидуваат да ги складираат она што останало од неа по магацините на дистрибутерите во САД.
Што е толку фантастично во врска со кредата произведена од Хагоромо? Прво, таа е обвиткана со тенок слој сјајна обвивка, нешто како енамел, што значи дека не ви ги валка прстите. Поцврста е и погуста од типичните креди, па потешко и се крши. За нејзино бришење од таблата доволна е, како и за обичните креди, само вода, додека за подетално бришење на маркерите од белите табли е потребна посебна хемикалија (да не зборуваме за нервозата кога ќе ти се потроши маркер среде презентација или ќе ти се закочи компјутер).
Откако Хагоромо затворила во март оваа година, технологијата за правење на нејзината креда е откупена од друга компанија, Ума-џируши, која сега ја произведува тн. DC Chalk Deluxe, но само половина од досегашното количество. Љубителите на квалитетната креда оттаму стануваат некаква необична субкултура, како оние кои сакаат винили или друг вид ретро-технологија.
Бонус: Пронајдени табли со лекции испишани со креда од 1917 во подрум на училиште во Оклахома