Сакаме ваков: сте слушнале за театарски натпревар кој се одржува во сауна?

Аквагардeнс, спа-центарот покрај Верона, обично е место на тишина и релаксација: топли извори, мирни базени, сауни и дури и снежна одаја за ладење. Но оваа есен, една недела таму владее сосема поинаква атмосфера — истата сауна која обично е оаза на мир сега трепери под басови од електронска музика и е преполна со над 200 голи луѓе кои се туркаат да влезат на шоуто „Ауфгус ВМ“ (Aufguss WM), светското првенство во сауна-театар.

пишува: Сара Евертс, The Walrus

Откако го оставам достоинството заедно со папучите, се приклучувам на толпата што брза да фати место во огромната, амфитеатрално уредена сауна од 85°C. Презентерката на финалето на светското театарско натпреварување во сауна, „Ауфгус ВМ“, ги потсетува сите на правилата: нема зборување, аплауз е дозволен, свирење не, и - „не се грижете за туѓата пот, сите ќе се тушираат после“. Веќе од прв момент станува јасно дека ова нема да биде обична сесија за потење.

На големиот екран трепка најава, а околу огромната печка за камења се наредени реквизити: детски коњчиња за јавање, кактуси, грамофон, играчки - сценографија за една западњачка приказна. И посебно сум возбудена, бидејќи настапуваат браќата Ксавие и Захари Друен-Хил од Гатино, Квебек - првите Канаѓани што се натпреваруваат на ова светско првенство.

Нивната рутина, „Браќа на Дивиот Запад“, претходно им ја донела канадската титула. Самиот натпревар е мешавина од театарска претстава и сложена техника. Натпреварувачите се оценуваат и според приказната и актерството, и според тоа колку умешно ја изведуваат традиционалната Ауфгус церемонија, ставање снежни топки натопени со есенцијални масла врз жешките камења и артистичко ширење на мирисната пареа со крпи.

Но овие светски првенства не се традиционални. На класичните движења се додава театарска драма, акробатски трикови со крпи - вртежи како „Пица-спин“, „Тасмански ѓавол“, „Ангелски крилја“ и други. Настапите варираат од адаптации на познати приказни до целосно оригинални сценарија: јапонска приказна за сиромашно девојче и АИ робот, словачки документарен перформанс за првиот изумител на падобран, германски гангстери, па дури и романска бурлеска кавга меѓу две „диви“ со високи потпетици во секси фустани.

Контроверзно, Финците - нација со силна саунска традиција - никогаш не учествувале, сметајќи го театарот во сауна за непочитување на „светиот простор“. Но организаторите веруваат дека во иднина и тие ќе се вклучат.

Сепак, спектаклот продолжува, и покрај тоа што во Италија јавната голотија е незаконска. За да се заобиколи тоа, подигнати се високи огради и обезбедување внимава ниту еден гол учесник да не излезе надвор од дозволената зона. Единствениот моден израз се кревките волнени капи за сауна — од римски шлемови до смешни животински глави.

Светлата се гасат. На екранот — Големата експлозија. Потоа „чкрип“ на салунска врата и две младешки фигури втрчуваат — Друен-Хил почнуваат да глумат кавга, облечени како каубои. Со извежбана прецизност туркаат снежни топки со масла од кедар, црн пипер и портокал врз камењата, па ја растураат миризливата пареа со серија синхронизирани движења со крпи. Температурите се менуваат нагло, воздухот станува густ, сите се препотени.

Како што напнатоста расте, публиката полудува — особено кога браќата качени на детските коњчиња ги вртат крпите во воздухот. По настапот, излезени од жештината и капејќи од пот, тие добиваат прегратки, честитки и многу симпатии. Иако не освоија медал, организаторите велат дека нивниот настап е историски: првите Канаѓани на светското првенство. А браќата, сè уште задишни, велат дека најважно им било да ги насмеат луѓето — и во тоа навистина успеале.

Aко ве интересира кој победил во индивидуална и групна конкуренција тука е официјалниот сајт на натпреварот

21 ноември 2025 - 09:37