Потеклото на изразот „67“ е нејасно, но како што може да се претпостави изворот му е интернет, односно цела низа од видеа, мемиња и постови (види некои од нив тука) во кои тој се користи во значење слично на „така-така“, „можеби ова, можеби она“. Многу брзо стана дел од модерниот жаргон што намерно звучи апсурдно, но е и некој вид сигнал дека штом го користиш си во тек со најновите трендови. Има и придружна интонација со спуштање на гласот на седмицата, и како што вели водителот во овој обид за објаснување на феноменот, „нема шанси возрасен да го изговори правилно“.
Значи, бројката се изговара како сикс-севен (а не сиксти-севен) и некои ја поврзуваат со песната “Doot Doot (6 7)” на хип-хоп артистот Скрила од 2024 година каде се спомнува во рефренот, а други со кошаркарот Ламело Бол, кој е висок 6 стапки и 7 инчи (нешто повеќе од 2 метри).
„‘67‘ е дел шега, дел социјален сигнал и дел перформанс“, изјавил Стив Џонсон, директор за лексикографија во компанијата која го води спомнатиот сајт. „Кога луѓето го кажуваат, не повторуваат само некакво меме – тие изразуваат чувство.“
Според анализата на Dictionary.com, употребата на „67“ во дигиталните медиуми во октомври била шестпати почеста отколку во текот на целата 2024 година. „‘67‘ ја покажува брзината со која еден нов израз може да се рашири низ светот кога една нова генерација стапува во глобалниот разговор“, наведува сајтот.
Меѓу финалистите за збор на годината биле и „aura farming“ (oдгледување аура), „Gen Z stare“ (Ген З ѕверење), „overtourism“ (прекумерен туризам), „tariff“ (тарифа) и „tradwife“ (традиционална сопруга).