Како цензурата помогнала да се создаде „Зона на самракот“?

Пред да ја создаде култната серија, Род Серлинг двапати се обидел преку телевизиските драми отворено да зборува за расизмот и предрасудите. Двата пати телевизијата му го променила текстот до непрепознатливост. Токму таа борба подоцна ќе го натера да бара поинаков начин да зборува за општествените проблеми.

Есента 1955 година, порота која се состоела исклучиво од белци во Мисисипи ослободила двајца мажи обвинети за убиството на 14-годишниот Афроамериканец Емет Тил. Настанот го потресол сценаристот Род Серлинг, кој решил да напише телевизиска драма за град што застанува зад сопствените убијци.

Кога драмата, насловена „Пладне на судниот ден“ („Noon on Doomsday“), била емитувана на Си-би-ес во април 1956 година, во неа немало речиси ништо од првичната идеја. Жртвата веќе не била црнец, туку неопределен странец, местото на дејството било преместено од американскиот југ во Нова Англија, а дури биле отстранети и шишињата „Кока-Кола“ од сценографијата, бидејќи асоцирала на локацијата.

Подоцна често се прераскажувало дека Серлинг првично напишал приказна за црнец, но бил принуден да го „обели“ ликот. Самиот Серлинг, сепак, го негирал тоа. Според него, во првата верзија жртвата била стар Евреин кој имал заложница, а вистинскиот предмет на приказната не бил само убиецот, туку целата заедница која го штити.

Идејата за приказната била поттикната од случајот „Тил“, но Серлинг сфатил колку директно е поврзана со него дури откако еден новинар му рекол: „Звучи како случајот Тил.“ Неговиот одговор бил индиректен, нешто во смисла, „Епа ако капачето легнува на грнето...“ Потоа новинарските агенции почнале да ја претставуваат драмата како директна адаптација на случајот. Реакцијата била жестока. Пред драмата воопшто да биде емитувана, пристигнале околу 15.000 писма и телеграми од расистички организации кои протестирале против неа.

Следела долга серија интервенции. Серлинг подоцна раскажувал дека текстот бил прегледан од околу 30 луѓе и дека повеќе од една недела присуствувал на по најмалку два состанока дневно, запишувајќи што мора да се промени. Жртвата повеќе не смеела да биде толку конкретно определена. Градот бил преместен што е можно подалеку од Југот, во Нова Англија. Секој збор што можел да звучи „јужно“ бил отстранет или изменет, а убиецот бил претворен во „добар, пристоен американски млад човек кој во момент на слабост тргнал во погрешна насока“. 

Серлинг подоцна рекол дека она што останало било „млака, осакатена и обезличена“ верзија на неговата приказна. Но не се откажал. Две години подоцна повторно се обидел да обработи слична тема во драмата „Градот што се претвори во прашина“ („A Town Has Turned to Dust“). И повторно наишол на отпор.

Овојпат приказната била сместена во сушниот југозапад на САД во 1870-тите. Жртвата станала 19-годишен Мексиканец по име Панчо Ривера, а сцената на линч била детално преработувана. Изразот „дваесет мажи со качулки“ бил заменет со „дваесет мажи со домашно направени маски“. Дури и смртта на еден од ликовите станала проблем. Првично шерифот требало да изврши самоубиство, но осигурителната компанија која била меѓу спонзорите се спротивставила – самоубиството можело да создаде проблеми со исплатата на животното осигурување. Затоа ликот бил убиен во престрелка. Серлинг подоцна рекол дека до моментот кога драмата стигнала пред камерите, неговото сценарио буквално било „претворено во прав“ и дека го „исекле како месари“.

И покрај сите интервенции, пораката сепак допрела до гледачите. Критичарот на Њујорк Тајмс ја опишал драмата како жесток и потресен протест против предрасудите, но во рецензијата посебно ја истакнал и борбата на Серлинг со телевизиските директори и спонзорите.

Токму ова искуство било пресудно за понатамошната кариера на Серлинг. Неколку години подоцна, во септември 1959 година, само десетина дена пред премиерата на „Зона на самракот“, новинарот Мајк Волас го прашал дали се откажал од пишување „важни“ телевизиски драми. Серлинг одговорил дека, ако под „важни“ се мисли на драматично обработување на актуелните општествени проблеми, тогаш навистина се откажал. Причината била едноставна: повеќе не сакал да се бори со спонзорите и рекламните агенции.

Но наместо целосно да престане да зборува за расизмот, нетолеранцијата, стравот, конформизмот и злоупотребата на моќта, Серлинг пронашол друг начин. Во „Зона..“ можел да зборува за нив преку фантастика, научна фантастика, паралелни светови, чудни суштества и невозможни ситуации. Кога приказната не се случува во Мисисипи, туку во некое неодредено место и време, кога жртвата не е нужно човек од конкретна раса, а проблемот е претставен како чудна фантастична ситуација, многу потешко е да се каже дека приказната „директно“ зборува за одредена политичка тема.

Така, цензурата што го натерала Серлинг да престане директно да ги обработува општествените проблеми всушност му помогнала да го пронајде форматот преку кој можел да зборува за нив уште послободно. Серијата не била бегство од реалноста, туку начин реалноста да се раскаже така што телевизиските спонзори потешко можеле да ја препознаат, но не и гледачите, кои реагирале на вистинскиот начин.

извор

2 октомври 2026 - 08:45