Потеклото на Lorem Ipsum води кон римскиот државник, правник и филозоф Цицерон. Истражувањата покажале дека текстот е создаден од делови на неговото дело „De Finibus Bonorum et Malorum“ („За границите на доброто и злото“), напишано во 45-тата година пред нашата ера.
Но денешниот Lorem Ipsum не е оригинален цитат. Во текот на вековите текстот бил сечен-лепен-монтиран, изобличуван и дополнуван со други фрагменти, така што на крајот се претворил во нешто што само потсетува на латински јазик. Дури и првиот збор, „Lorem“, всушност не постои во латинскиот. Станува збор за дел од зборот „dolorem“, што значи болка или страдање.
Во средниот век и ренесансата делата на Цицерон биле меѓу најчитаните текстови во Европа. Неговиот стил се сметал за пример за совршен латински јазик, па печатарите често користеле делови од неговите книги кога подготвувале примероци за нови фонтови и печатарски техники. Се верува дека уште во 16 век некој печатар, подготвувајќи книга со примероци на букви, намерно ги измешал речениците за читателите да не се концентрираат на содржината, туку на изгледот на страницата. Така настанал текст што нема смисла, но визуелно изгледа како вистински јазик.
Главната причина за успехот на Lorem Ipsum е неговата практичност. Кога дизајнерите подготвуваат распоред на страница, тие сакаат вниманието да биде насочено кон фонтот, празниот простор, фотографиите и целокупниот изглед, а не кон содржината на текстот. Доколку на местото на примерокот стојат вистински реченици, луѓето природно почнуваат да читаат. Lorem Ipsum го избегнува токму тоа: изгледа како јазик, но е доволно бесмислен за никој да не се задржи на значењето. Дополнителна предност е што ретко може да биде помешан со конечната верзија на текстот, па ризикот случајно да биде објавен како готова содржина е многу помал (но како што знаеме не и непостоечки!).
Иако корените на Lorem Ipsum се стари повеќе од четири века, неговата современа популарност започнува во 1980-тите години со појавата на десктоп издаваштвото. Компанијата Алдус го вклучила текстот во својата програма за „прелом“ на текст Пејџмејкер, една од првите апликации што овозможија корисниците сами да дизајнираат публикации на персонален компјутер. Со ширењето на компјутерите, интернетот и веб-дизајнот, Lorem Ipsum станал универзален јазик на дизајнерите ширум светот.
Мал број текстови во светот успеале да преживеат повеќе од 500 години без никој навистина да ги чита. Lorem Ipsum е токму таков парадокс: најпознатиот текст на светот чија главна задача е никој да не му обрнува внимание.
