Ниту еден инцидент на фудбалски натпревар не може да се спореди со оној од Светското првенство во 1962, кој подоцна ќе стане познат како „Битката за Сантијаго“. Станува збор за дуелот меѓу Чиле и Италија, одигран на 2 јуни во главниот град на Чиле. Двете репрезентации очајно посакувале победа за да се пласираат во следната фаза од натпреварувањето, а околу 60.000 домашни навивачи го исполниле стадионот, претворајќи го натпреварот во прашање на национална гордост.
Шест години претходно, Чиле го добило правото да биде домаќин на Светското првенство. Подготовките течеле добро сѐ до мај 1960 година, кога земјата била погодена од катастрофалниот земјотрес во Валдивија. Илјадници луѓе загинале, економијата била сериозно оштетена, а половина од стадионите предвидени за Светското првенство биле уништени. Напорите за обнова ја обединиле нацијата околу организацијата на турнирот.
Непосредно пред почетокот на првенството, двајца италијански новинари дополнително ги влошиле односите меѓу двете земји. Во своите текстови тие го опишале Чиле како заостаната и сиромашна земја, а Сантијаго како град со сериозни инфраструктурни и социјални проблеми. Овие навредливи коментари предизвикале силен револт кај чилеанската јавност и дополнително ја подигнале тензијата пред натпреварот.
Судија бил Кен Астон од Англија, кој го досудил првиот прекршок по само дванаесет секунди игра. Наместо да се смирува, атмосферата станувала сѐ поагресивна. Во текот на натпреварот биле исклучени двајца фудбалери, од кој едниот по само осум минути - одбил да го напушти теренот и морал да биде влечен од полицијата. Додека Астон уште се расправал со првиот исклучен фудбалер, друг од чилеанската екипа му скршил нос на „колега“ Италијанец. Полицијата морала дури четири пати да интервенира на теренот за да воспостави ред. Сцените биле толку шокантни што британскиот коментатор Дејвид Колман подоцна го нарекол натпреварот „најглупавата, најужасната, најодвратната и најсрамната фудбалска претстава во историјата на играта“.
Длабоко потресен од настаните, Астон неколку години подоцна, во 1966, како член на Комитетот на судии на ФИФА, ја вовел денес стандардната практика на жолти и црвени картони. Овој едноставен и јасно разбирлив систем за казнување на прекршоците значително придонел за подобра контрола на натпреварите и помогнал вакви сцени на екстремно насилство повеќе да не се повторат на фудбалските терени. Инспирацијата на Астон биле семафорите, со симболи кои се универзално разбирливи. Од тогаш ваквите картони (понекогаш само жолти) се користат и во други спортови, како во коњичкиот спорт, мечувањето и хокејот на трева.