Човечката исхрана е полна мистерии, а улогата на витаминот Д во човечкото тело е една од нив. Авторка на книга со наслов „Витаманија: како витамините извршија револуција во начинот на којшто размислуваме за храната" објаснува зошто и колку ни е потребен.
Статистиката покажува дека во САД витаминот Д ја надминува продажбата на сите други суплементи, вклучително и рибиното масло, пробиотиците, па дури и мултивитамините. Ова, според Кетрин Прајс, авторка на споменатата книга, е изненадувачки ако се има предвид дека овој витамин е меѓу оние кои нашето тело само го создава - сè што треба е да се изложиме на сонце.
Не се работи за дубара но се работи за една мешавина на збунувачка наука и дезинформации која си го прави своето.
За што всушност ни треба овој витамин? За здрави коски, како превенција од астма, висок притисок, некои автоимуни болести, па дури и рак. Иако ништо од ова не е докажано, помпезни наслови на квази-научни статии се доволни да резултираат со постојан раст на пазарот од 10% годишно.
Друг фактор кој ја поттикнува оваа ситуација е што голем број од нас не се изложуваат директно на сонце, или затоа што се мачкаме со млеко за сончање или затоа што ретко излегуваме. Ако се потпираме само на храната, има малку таква која е богата со витамин Д (добро, џигер од риба, ама кој го јаде тоа). Наместо тоа, витаминот Д во повеќето видови храна и суплементи се создава со осветлен ланолин (мрсното од овчја волна, изложено на светлина).
Плус, не е јасно колку витамин Д е доволно. Институтот за медицина, органзацијата која ги поставува стандардите за исхрана за американската популација, вели дека на здрави возрасни единки им е доволно 600 IU дневно (IU = меѓународни единици ). Но голем број експерти сметаат дека ова е доволно само за здравјето на коските и за метаболизмот на калциумот, но не и за останатото.
На крајот излегува дека сами треба да си процените дали и колку додаток од витамин Д ви треба во исхраната. Доволно е да си ги поставите следниве прашања:
- Дали минувате 15 минути или повеќе на сонце без заштита (облека, средство за сончање), неколку пати неделно? Ако одговорот е да, ќе имате доволно витамин Д за поголемиот дел од годината (нашите тела знаат кога да престанат да го произведуваат)
- Ако живеете некаде на север (за Американци, северно од линијата која ги поврзува Филаделфија и Сан Франциско), тогаш особено зиме не добивате доволно сонце (среќа, ние немаме т'га за југ)
- Ако доите, можеби треба да му дадете дополнителен витамин Д на бебето, затоа што во мајчиното млеко има многу малку.
Сепак, треба да се биде внимателен, бидејќи премногу витамин Д може да предизвика опасно високи нивоа на калциум во крв, да го оштети срцето, крвните садови и бубрезите.