Секс-кукла изложена во резиденцијата на германскиот претседател

Необична изложба на современа уметност во официјалната резиденција на германскиот претседател предизвика големо внимание во јавноста. Најмногу реакции предизвика бронзена скулптура инспирирана од јапонска секс-кукла, која на Штајнмаер му се бендисува, бидејќи се поврзува со главната идеја на поставката - слободата на изразување. 

Изложба на современа уметност во дворецот Белви во Берлин предизвика големо внимание во германските медиуми и на социјалните мрежи, особено поради едно дело – бронзена скулптура изработена според торзото на јапонска секс-кукла.

Скулптурата, насловена „Ева“ (попрецизна фотографија тука) на уметницата Александра Биркен, е дел од изложбата „Freiraum Kunst“ („Уметноста како слободен простор“), која се одржува од 13 до 28 јуни во дворецот Белви, официјалната резиденција на германскиот претседател. Иако токму ова дело ги привлече насловите, изложбата вклучува и многу други современи уметнички дела што ги истражуваат темите на демократијата, моќта, јавниот живот и општествените вредности.

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер, кој ја поддржува изложбата, истакнал дека слободната уметност е неопходна за демократијата. Според него, демократија без слободна уметност ја губи способноста за самокритика, додека уметност без слобода ја губи својата општествена важност.

Изложбата има и симболично значење бидејќи претставува своевидно збогување на Штајнмаер со дворецот Белви. Зградата наскоро ќе биде затворена за обемна реконструкција што се очекува да трае осум години. Бидејќи вториот и последен претседателски мандат на Штајнмаер завршува следната година, малку е веројатно дека тој повторно ќе се врати во резиденцијата по завршувањето на работите.

Поставката содржи видеа, звучни инсталации, фотографии и слики. На покривот на дворецот е поставена голема инсталација со зборот „Freiraum“ („Слободен простор“), која ја нагласува идејата за уметничка слобода. При влезот посетителите слушаат постојано повторување на зборот „Здраво“, дел од перформанс на уметникот Јохен Герц од 1972 година. Делото се толкува како размислување за границите на јавниот говор и за чувството на фрустрација кога пораките на граѓаните остануваат неслушнати.

Меѓу изложените дела има и слика од уличниот уметник Ел Бочо која замислува жена како германски претседател, како и минијатурна скулптура на самиот Штајнмаер, висока само 36 сантиметри, изработена од уметницата Карин Зандер.

Најмногу внимание сепак привлече „Ева“. Со поставувањето на дело инспирирано од секс-кукла во формалниот амбиент на државна резиденција, уметницата отвора прашања за телото, родот, сексуалноста и објективизацијата на жените. Контрастот меѓу интимната тема и државниот простор создава намерна тензија и поттикнува размислување за начинот на кој општеството ги претставува и контролира човечките тела.

Дворецот Белви, изграден во 18 век како пруска кралска палата, од 1994 година е официјална резиденција на германскиот претседател. Бидејќи вообичаено не е отворен за јавноста, изложбата претставува ретка можност посетителите да ја разгледаат внатрешноста на оваа значајна државна зграда. Интересот беше толку голем што интернет-страницата за бесплатни билети паднала само неколку часа по отворањето на резервациите, а сите 35.000 билети биле резервирани за кратко време.
 

12 јуни 2026 - 09:32