Од Метаксас до Заев

Јазикот кој Грција цел век се обидува да го избрише

Во крајните северни делови на грчките региони на западна и централна Македонија, сите ора се инструментални. Стиховите се заменети со гласни, лимени и дувачки инструменти, како труба, тромбон и кларинет. Ова не е некој особен аспект на локалното музичко наследство. Традиционалните мелодии во овие региони имаат свои стихови, но тие се на јазик кој грчката држава се обидува да го избрише речиси цел еден век: македонскиот словенски јазик.

пишува: Петрас Карацареас

Ако некогаш сте биле на традиционална грчка прослава, можеби сте виделе како луѓе се фаќаат за раце и играат во круг придружени со музика, правејќи ги истите чекори. Сигурно сте слушнале како се пеат грчки песни, со оглед на тоа што поголемиот број традиционални мелодии се придружени со стихови кои зборуваат за љубов, емиграција и за селскиот живот.

Но во крајните северни делови на грчките региони на западна и централна Македонија, сите ора се инструментални. Стиховите се заменети со гласни, лимени и дувачки инструменти, како труба, тромбон и кларинет. Ова не е некој особен аспект на локалното музичко наследство. Традиционалните мелодии во овие региони имаат свои стихови, но тие се на јазик кој грчката држава се обидува да го избрише речиси цел еден век: македонскиот словенски јазик.

Откако излезе како победник од двете Балкански војни во 1912 и 1913, грчката територија и население драматично се зголемија, со анектирање на голем дел од историско-географскиот регион Македонија, оној кој се наоѓа на јужните падини на Ниџе (Ворас) и Беласица (Белес).

Како што обично се случува во историјата, државните граници не коинцидирале со лингвистичките. Таканаречените „Нови територии“ претставувале мозаик од различни лингвистички групи, вклучително 260.000 луѓе кои зборувале вариетети на јужно-словенски јазик кои тие го нарекувале „тукашен“, “наш“ или „македонски“.

Овие варијанти, вклучително и стандардизираната верзија на она што денес е официјален јазик на Република Македонија, имаат сличности со бугарскиот, и голем број луѓе во Бугарија ги сметаат за бугарски дијалекти. Но социолингвистиката има покажано дека она што се смета за јазик, и она што се смета за дијалект на одреден јазик, е во суштина одредено од политички, а не од лингвистички критериуми.

За грчката влада, тоа дека постојат говорители на македонски јазик на нејзина територија не се вклопувало во националната идологија. Знаци на нелагодност во однос на новата грчка мултијазична реалност се покажале доста рано. Во 1920 грчките служби за статистика го спровеле првиот попис по територијалната експанзија на земјата. Било поставено и јазично прашање, но податоците за македонскиот дел никогаш не биле објавени. Јазичните податоци за Тесалија сепак регистрираат говорители на словенско македонски, веројатно заради сезонските работници од Македонија кои биле во Тесалија за време на пописот. Грчките власти го признале постоењето на словенско македонскиот како легитимен јазик, но направиле свесен напор да го скријат бројот на луѓе кои го зборуваат.

Во северниот дел на земјата, властите започнале масовна кампања на елинизација. Преку ноќ словенско македонските имиња на луѓе, места и ора биле заменети со грчки од страна на државните службеници.

Презимето на мојот дедо од таткова страна станало Карацареас од Карачоров. Дедо ми од мајчина страна станал Канзурис од Канзуров. Областа Караџова биле преименувана во Алмопиа, а најголемиот град во неа Суботско станал Аридија. Орото „Пушчено“ било наречено „Левентикос“ или „Литос“. Целта била да се избрише секаква трага на сè што е македонско во јавните документи.

Во 1930-тите и во клима на компетитивни национализми на јужниот Балкан, сличностите помеѓу македонскиот и јазиците на тогашното кралство Југославија и кралството Бугарија започнале да подгреваат сомнежи кај грчките власти во врска со националното сојузништво и „свесноста“ на оние кои зборувале македонски.

Во август 1931, грчкиот новинар а понатаму и политичар Периклис Илијадис во негова колумна во дневен весник повикува на забрана на поздрави на „бугарски“ и на јавно изведување песни на други јазици освен на грчки - два предлога кои фашистичкиот режим на Јоанис Метаксас веднаш ги прифатил.

Во 1936, генералниот гувернер на Македонија издал наредба за забрана под број 122770: „За реставрација на еден единствен јазик“, која ја забранува употребата на македонскиот и во јавност и приватно. Луѓето фатени дека зборуваат македонски - понекогаш од страна на полицајци кои прислушкувале низ туѓи прозорци - биле носени во воено-полициски станици, претепувани и понекогаш мачени. Оние кои имале пари биле казнувани парично. Учителите ги тепале учениците кои зборувале македонски во училница или на игралиште - иако тоа бил единствениот јазик кого тие го знаеле. Ова му се случило на дедо ми од мајчина страна.

Во 1994 Хјуман рајтс воч ја повика Грција да прекине со малтретирањето на говорителите на македонскиот јазик. Во 1998, Европскиот суд за човекови права пресуди дека Грција ги нарушува правата на своите граѓани да формираат свои здруженија, со тоа што не им овозможи да основаат македонско културно здружение. Но овие повици дојдоа предоцна.

Во светлината на агресивната и насилна опресија под која страдаа во 1930-тите, говорителите на македонскиот развија длабок страв од зборување на нивниот јазик пред луѓе кои не ги познаваат и во кои немаат доверба. Престанаа да ги пеат нивните песни, и почнаа само да ги свират мелодиите од нивното музичко наследство. Со време тие почнаа повеќе да го користат грчкиот за да се опишат себеси и местата каде што се родени и каде што живеат.

Денес, само постарите луѓе го зборуваат јазикот. За помладите, тоа е повеќе пасивно знаење, еден вид наследство кое ќе изумре со постарата генерација, а единственото нешто што ќе им остане да ги потсетува ќе бидат само неколку зборови и мелодии чии стихови помладите музичари не ги знаат.

Овој вид јазична опресија е далеку од уникатна. Слични приказни се регистрирани од страна на говорители на ирски во Ирска, шкотско гелски во Шкотска, велшки во Велс, каталонски во Шпанија, со домородните американски јазици во САД и абориџинските јазици во Австралија.

Тажно е што напорите на државните власти да ги асимилираат говорителите на малцинските јазици во јазикот на мнозинството се главно успешни. Заедно со овие јазици се губат и други културни изрази, како имиња, презимиња, песни, танци, игри и традиции. За јазичната опресија и последиците кои таа ги има врз говорителите на малцинските јазици и нивното културно наследство нема место во модерниот свет каде се признава вредноста на културниот диверзитет. 

 

20 јуни 2018 - 07:55