Додека многу светски лидери реагираа со шок и збунетост на акцијата со која Доналд Трамп за два часа ја презеде власта во Венецуела, Кина итно реагираше со барање за итно ослободување на Николас Мадуро. Овој искрен апел, кој Трамп сигурно нема да го послуша, сведочи колку беа важни Мадуро и венецуелската нафта за кинеската економија.
Што и да каже Трамп како оправдание, оваа воена акција имаше голема врска со Кина исто колку и со шверцот на дрога. Всушност, Кина е најголемиот губитник, вели Ешли Келти, директорка за истражување во инвестициската банка Панмур Либерум.
Додека нафтената индустрија на Венецуела трпеше санкции, Пекинг во неа инвестираше милијарди долари. Тоа ѝ овозможи да купува сурова венецуелска нафта по цена за 14 долари за барел пониска од онаа на светските пазари. Оваа нафта во изминатите 20 години ѝ помогна на Кина да бележи индустриски и економски раст.

Пекинг во 2024 година инвестираше 4,4% од својот БДП во енергија, додека САД вложуваа 2%. Кина денес троши значително повеќе енергија од САД и има поголем енергетски капацитет. Ова темпо е клучно во новиот натпревар за доминација во развојот на вештачката интелигенција и огромни центри за податоци, кои цицаат енергија како милионски градови.
Моќната информатичка индустрија во САД стравуваше дека неуспехот да се обезбеди доволно енергија би водел кон банкрот на компании. Опен АИ ја спомна токму заканата од Кина во повикот до Вашингтон да воспостави национална енергетска цел.
Во 2024 година, Кина додаде 429 гигавати нов енергетски капацитет, повеќе од една третина од целата американска мрежа и повеќе од половина од целиот глобален раст на електричната енергија. САД во исто време придонесоа со само 51 гигавати, соопшти лани Опен АИ во отворено писмо до Вашингтон, со барање да се создаваат нови капацитети од 100 гигавати годишно.
Покрај капацитетот, Кина има едни од најниските трошоци за енергија на глобално ниво. Пекинг обезбеди субвенции од 2.200 милијарди долари за својата индустрија за фосилни горива само во 2022 година, според ММФ. Властите сега користат субвенции за да ја поттикнат индустријата за вештачка интелигенција. Локалните самоуправи учествуваат со 50% во сметките за струја на центрите за податоци, објави Фајненшл тајмс.
Венецуела има најголеми докажани резерви на сурова нафта во светот, со околу 303 милијарди барели во 2023 година. Тоа претставува приближно 17% од глобалните резерви. Поголемиот дел од резервите се наоѓаат во појасот Ориноко, област од 54.000 квадратни километри, а значајни резерви се наоѓаат и под езерото Маракаибо. Наспроти богатството, производството на нафта е занемарливо на светската сцена, а луѓето живеат во сиромаштија. Производството се намали од повеќе од 3 милиони барели дневно на почетокот на овој век на едвај 1 милион барели лани. Остриот пад дојде откако поранешниот социјалистички претседател Уго Чавез ја зајакна контролата врз државната нафтена компанија PDVSA.

Венецуела ја национализираше својата нафтена индустрија во 1975 година, создавајќи им огромни загуби на американските нафтени компании. Шеврон е единствената што остана во латиноамериканската земја, но во значително помал обем и под силен владин надзор. Компаниите сега се во позиција да ги надоместат загубите.
Ќе ги натераме нашите многу големи нафтени компании, најголемите во светот да влезат, да потрошат милијарди долари, да ја поправат оштетената нафтена инфраструктура и да почнат да заработуваат пари за земјата, изјави Трамп во саботата.
Рускиот олигарх Олег Дерипаска, предупреди дека Трамп би можел ефикасно да го банкротира Кремљ ако успее да ги намали цените на нафтата.
Ако Американците ги преземат нафтените полиња на Венецуела, тие ќе контролираат повеќе од половина од светските резерви на нафта. Очигледно нивниот план е да се осигурат дека цената на нафтата нема да надмине 50 долари за барел. Ова значи дека нашиот државен капитализам ќе има тешкотии, забележа Дерипаска.