Некаде во 2006-та, американскиот пастор Вил Бовен започна кампања A Complaint Free World во кој ги предизвика своите верници да пробаат барем 21 ден да се воздржат од кукање. Притоа делел и розеви нараквици кои ги потсетувале луѓето дека се во мрчачки пост. Кога ќе го дефинирате мрчењето како она секојдневно незадоволство од банални работи при што не мислите и на артикулираното барање за битни социјални промени, тогаш лесно е да се согласи човек дека свет со помалку мрчатори околу себе би бил еден пофин свет од овој.
Од друга страна, неодамна во Њујорк Тајмс излезе еден фин текст под наслов "Другарство во мизеријата" во кој елоквентно се брани мрчењето; тоа не само што не ѝ е пречка на среќата туку и самото може да го направи човека посреќен.
Повод за тој текст е студијата "Несреќни градови" во која се заклучува дека луѓето од Њујорк се најмалку среќните луѓе од сите американски градови. Притоа, самата студија страда од забуна бидејќи луѓето всушност биле прашувани за задоволството а не за среќата; тие две чувства се блиски но не се баш исти.
Маријана Алесандри предава филозофија во Тексас но е родена и порасната во Њујорк. Признава дека тој град и неа ја иритира заради "пренаселеноста, уличните дупки, високите цени, доцнењата на јавниот превоз, велосипедистите (прашалник) и осите ( дупли прашалник)". И дека се тоа работи кои не може да ги смени. Зошто тогаш да се губи време на мрчењe околу нив?
Прво, затоа што мрчењето има ефект на катарза. И уште поважно, затоа што тоа ги поврзува луѓето:
"Само затоа што темата на некоја конверзација е негативна, не значи дека вклучените луѓе мора да бидат несреќни. Кога двајца мрчат за иста гужва во метрото, тој разговор може да заврши со нивна насмевка."
Со некого да се размени своето незадоволство значи да се признае неговата вредност во тоа споделување. Интересно е што една друга студија утврдила дека постирањето слики на Фејсбук кои прикажуваат убав, среќен и исполнет живот, знае да ги оддалечи пријателите од тој профил. Просто, луѓето не сакаат баш да ги убедувате во својата "совршеност".
Њујорк знае да биде исцрпувачки град кој може да ве натера да се чувствувате осамено но талентот на њујорчани да мрчат за тоа не е причина за таквата ситуација туку противотров за неа, вели Алесандри. Тоа го почувствувала кога дошла во Тексас носејќи го со себе својот њујоршки поглед на работите при што се соочила со ѕид неодобрување на нејзиното мрчаторство. Вели дека живот во средина која има колективна аверзија кон гунџање ѝ е поголем хорор отколку нејзиниот напорен Њујорк.
Во книгата на пасторот кој го спомнавме на почетокот на овој текст постои анегдота за двајца градежни работници кои заедно појадувале секој ден. Едниот од нив секо утро го отворал своето канче од дома и незадоволно констатирал:
- "Пак ќофтиња!"
По некое време на другиов му здодеал тој ритуал па му рекол
- "А што не ѝ кажеш на жена ти да не ти става ќофтиња?"
Овој одговорил:
- "Што збориш бе ти, јас ги обожавам ќофтињата на жена ми!"
Можно е ваквиот разговор да се гледа како на јаже кое ги поврзува овие двајца луѓе. Како нешто што ги спојува овие две души, како замаец на едно блиско пријателство исполнето со разбирање на оној другиот, пријателство кое ќе им помогне да ги пребродат тешките и сувопарни работни часови.
А можно е двајцата веќе одамна да појадуваат на раат, одвоено.