Јас или ти, сеедно. Или, од друга страна, "секој освен тебе и мене", како што рече еден добродушен Ерменец. За почеток, би било потребно само да се сложиме околу разликите меѓу еднината и множината. Но, согласувањето околу тоа е потешко отколку што изгледа на прв поглед.
Некое време бевме сведоци на извесна полемика меѓу поборниците на еднината и множината, се разменуваа тешки зборови, се спомнуваа злостори и предавства, направени во свое или наше, односно ваше или нивно име. Таа расправа продолжува, иако малку ослабена па учесниците понекогаш мораат да вложат значителен напор за да остават впечаток на жестина. Изгледа нема начин како некому да му докажеме дека постоиме само поединечно или само збирно, или дека само некои од нас се поединци а останатите се безлични делови на масата.
Тоа што никаков добар епилог нема да има, не е причина партиите на еднината и множината да ја прекинат кавгата. Ние овде сакаме да разговараме, нели, посебно ако сигурно знаеме дека тоа не може никаде да нè одведе. А притоа гледаме дека постојат толку прекрасни можности дискусијата да се расцвета и бесконечно да се заплетка. Не само што множината умее да се сложи и да делува како еднина, што по правило е опасно, туку и сам човек понекогаш со причина мисли во множина. Дури и кога не е од оние на кои им следува правото за кралски плурал. Бидејќи, како што говореше Пруст: "секој човек е многуброен". Што значи дека на оваа планета нè има многу повеќе отколку што тврди статистиката.
Јас, меѓутоа, не постојам само во однос на вас останатите. Дури и кога би сакал секогаш да бидам во ваше друштво, понекогаш неизбежно налетувам на самиот себе. Ако тоа се случи неочекувано, ако сум неподготвен, таа средба може да испадне крајно непријатна. Некои од нас со години ги избегнуваат таквите ситуации; никогаш, ни сабајлечки пред огледало не го гледаат или не го препознаваат својот лик, но тоа само значи дека се зголемува ризикот од шокирање ако нивното запушено Его некогаш сепак ги изненади.
А нè има и такви кои постојано и пред сè друго се занимаваме со самите себе и никогаш не забораваме дека, што и да се случува, сами себе секогаш ќе си се најдеме при рака. Да, тоа секако е извор на задоволство, иако, некогаш забележуваме дека никој друг ни приближно не знае да ни се восхитува како самите ние на самите себе. А човек би го очекувал баш обратното: нечие изгланцано и сјајно одржувано Его да предизвика сеопшто внимание и одушевување.
Се разбира, секој подобар прирачник за занимавање со себе ќе препорача умереност и ќе предупреди на сите опасности од претерувања во кој било правец. Значи, да не се биде ни преблиску ни предалеку, ни многу груб ни многу нежен со себе, ни рамнодушен, ни фасциниран... Со тоа не можам да не се согласам, иако, за оние кои тежнеат кон совршенство, би додал дека и умереноста треба да се избегнува, исто како и крајностите.
Па, како тогаш?
Па, тешко.
Главно, да се биде буден, внимателен и секогаш да се проверуваш себеси како полицијата што проверува шверцери. Да се научат сите трикови со кои се служи вашето Его за да ве прелаже и наведе на погрешна трага. Да се избегнуваат стандардни решенија и повремено да се менува погледот на себе. Понекогаш сосема да се заборавиш, или сосема да си се посветиш, но никогаш засекогаш.
Ќе речете, човек секогаш треба да владее со себе, но убаво е и да се остави можност за изненадување. Некои од најдобрите работи во животот ве начекуваат непланирано, надвор од вашата воља и само ако сте отворени за такви "небесни интервенции." Но повторно, не би советувал сосема да се потпрете на среќата или на Бога. Што се однесува до него, мислам дека тој не сака некој многу да го обврзува и оптоварува. Овде до скоро токму тоа го правевме, се доведовме до тотална зависност од божјата помош и на крај Бог едноставно почна да штрајкува.
Ние во овој дел од светот не навикнавме (или сме одвикнале) многу да очекуваме од себе, обично себе лесно си простуваме и не се мачиме со самообвинувања. Секој секогаш јасно се сеќава како му било тешко и како некој друг бил неправеден и лош. Тоа значи дека страдаме од кусок чувство за вина а тоа чувство е апсолутно неопходна состојка на нашата внатрешна рамнотежа и зрелост. Тоа значи дека во оваа транзиција во која се затекнавме, секој за себе би можел да поработи на огледување на тоа благородно чувство. Да речеме дека на влезот во Европа постои справа која тоа прецизно го регистрира.
Не станува овде збор за минатото и злосторствата, туку пред сè за развивање на рефлексот на преиспитување на самите себе, за должностите, одговорностите и обврските. Сите ние лесно разбираме кога од нешто се ослободуваме. Воопшто, сцената на ослободување е една од најчестите во нашата историја. Да се препознаат должностите и да се преземат обврските, тоа малку потешко ни паѓа.
Добро, ама зошто баш јас? И каде е тука уживањето? Па, јас, затоа што веќе нема кој друг наместо мене. А за уживањето немам појма, тоа веројатно е историски надминато.
Стојан Церовиќ, 2002-ра