Приватни детективи ловат лажни болни низ Британија

Сè повеќе британски компании ангажираат приватни детективи за да потврдат дали сите работници што се на боледување навистина се болни. Освен боледувањата, многумина вработени ја злоупотребуваат и флексибилноста да работат од дома, воведена од времето на пандемијата, и времето поминато по кафеани го пријавуваат како работни часови.

Германците се рекордери во Европа според бројот на одобрени боледувања за работници, но ни Британците не заостануваат многу. Податоци од Здравствената служба на NHS покажуваат дека во текот на изминатата година биле издадени 11 милиони отсуства поради здравствени состојби.

Во обид да се справи со оваа култура на отсуства од работа, Владата започна пилот-програма која воведува „планови за враќање на работа“. Но, компаниите се почесто ангажираат приватни детективи, за да соберат цврсти докази за злоупотреби на системот.

Арон Бонд, директор во детективска агенција, вели дека 90% од случаите што ги прима доаѓаат од работодавци и вклучуваат или луѓе кои работат од дома или земаат боледување.

Боледувањето отсекогаш било експлоатирано, но случаите што вклучуваат работа од дома се зголемија по пандемијата на ковид. Примаме резервации четири недели однапред. Физички не можеме да ја завршиме секоја работа, вели Бонд.

Детективот Тимоти Бурчел вели дека меѓу клиентите има многу звучни имиња од лондонски Сити и од најпознатите адвокатски фирми во Британија. Барањата обично се однесуваат на долгорочни боледувања, а не на ситни отсуства.

Вработен ослободен од работа поради наводна тешка повреда на вратот бил забележан како оди на работа кај конкурент на работодавецот. Друг, кој добил 11-месечно боледување поради наводен екстремен инвалидитет од мускулно-скелетна повреда бил фатен како вежба и држи тренинзи во локална теретана.

Го следевме цела недела и на крајот ни одржа личен тренинг. Ни раскажа дека тренира за триатлон, вели Бурчел.

Зачестени се и истрагите за шпионирање на вработените што наведуваат разни причини да работат од дома, поттикнати од поблагиот пристап кон работењето во канцеларија по пандемијата. Британија долго време е европска престолнина на работа од дома, со просек од 1,8 дена неделно во кои работниците не доаѓаат во канцеларии. 

Луѓето пријавуваат дека работат од дома, но всушност се на ручек, на вечера или пазаруваат. Понекогаш се надвор по цел ден, вели Бурчел.

******
Види и: Боледувањата ќе ја банкротираат Европа
Така забушаваат Американците

1 јуни 2026 - 16:13