
Работниците во Германија денес просечно земаат по 15 дена годишно отсуство поради болест. Во Норвешка уште повеќе, се губат 7% од работните денови, што е највисоко ниво за 15 години.
Исплатата за боледувања во Франција се зголемила за 28% помеѓу 2019 и 2023 година, според Националниот фонд за здравствено осигурување, што делумно се објаснува и со стареењето на населението и инфлацијата. Но, тоа е голем товар за државата во период кога настојува да го намали дефицитот од 44 милијарди евра. Премиерот Франсоа Бајру најави дека „ќе ги помири Французите со работата“. Тој рече дека инспекторите откриле дека работниците кои биле отсутни од болест повеќе од 18 месеци имаат оправдување само во една половина од случаите.
Николас Зибарт од Центарот Лајбниц за европски економски истражувања, вели дека зачестените боледувања се последица на промената на односот кон болестите по задолжителните изолации на заразените со коронавирусот за време на пандемијата.
Ова е пост-ковид скок бидејќи вработените сега полесно пријавуваат болест и кога се со благи зарази. Не е нужно лошо, бидејќи го намалува ширењето на инфекциите на работното место. Но, проблем е, бидејќи води до изгубени приходи, прекини во работниот тек и прелевање на обврските врз колегите кои мора да го надоместат застојот вели Зибарт.
Во Германија, трошоците за надоместоци за боледување за работодавците скокнаа од 36,9 милијарди евра на 76,7 милијарди евра помеѓу 2010 и 2023 година, според студија на Германскиот економски институт.
Не е изненадување што истражувањата открија директна врска помеѓу дарежливоста на боледувањето во земјите и времето што работниците го земаат за боледување. И Германија и Норвешка нудат едни од најповолни надоместоци за боледување во светот. Германските работници добиваат целосна плата за првите шест недели. Во Норвешка, првите 16 дена ги плаќа работодавачот, а потоа Националното осигурување покрива 100% од платата на работникот до една година. Поради ова, трошоците за бенефиции за боледување и инвалидитет учествуваа со 8% од БДП во 2022 година, што е далеку повисоко од просекот на ОЕЦД од 2%.
Зибарт вели дека политиките за боледување што заменуваат 100% од платата на работникот веројатно се премногу дарежливи.
Нешто помеѓу 60-90% е веројатно економски „оптималната“ стапка, вели тој.
Една од новите мерки што ги објави францускиот премиер е ограничување за матичните лекари да не можат да препишат боледување подолго од две недели. Матичните лекари, а не само на лекарите по труд, ќе може да ги прогласат работниците за способни за работа.
Франција, исто така, сака да стави крај на злоупотребата на системот од страна на работниците. Се проценува дека лажните белешки за боледување ја чинеле француската економија повеќе од 30 милиони евра во 2024 година, во споредба со околу 8 милиони евра во 2023 година. Владата воведе нов сертификат, кој е дизајниран да биде потежок за фалсификување.
Британскиот систем не е толку дарежлив и поради тоа во 2024 година работниците просечно земале по 4,4 дена за боледување. Но, Британија има сосема друг проблем - поттикот работниците да работат и кога се болни, што значи дека не одвојуваат доволно време за да се опорават, а и не се продуктивни.
Министерството за работа и пензии проценува дека трошоците од лошо здравје во работоспособна возраст се зголемиле повеќе од двојно за шест години на помеѓу 240 и 330 милијарди фунти. Од ова, околу 120 милијарди фунти може да се припишат на „економска неактивност“.
******
Види и: Така забушаваат Американците