Министерот Вес Стритинг предупреди дека на Британија ѝ преостануваат нешто повеќе од 1.000 дена за да се подготви за одбрана од воени, терористички или хибридни напади, кои ги очекува најдоцна до 2030 година.
Поседувањето неколку основни работи за секојдневна употреба дома – од конзервирана храна до батериски ламби – им помага на домаќинствата да се подготват за непредвидени ситуации, како што се поплави, прекини во снабдувањето со електрична енергија или пукање на цевки. Сите ние можеме да придонесеме Британија да стане поотпорна, порача Стритинг.
Владата објави и долг список со производи што треба да ги има во секој дом:
- флаширана вода за три дена, по 3 литри на човек, плус за готвење и миење;
- храна која не мора да се готви и која не се расипува надвор од фрижидер за три дена;
- средства за лична хигиена;
- преносни светилки со резервни батерии и ќебиња;
- радио-приемници со резервни батерии;
- кеш и хартиени копии од документи, телефонски именик;
- основни и неопходни лекови и комплети за итна помош;
- храна и пелени за бебиња;
- доволно храна и вода за милениците.

Три типа тоалетна хартија од разни производители вчера се пробиле меѓу 20-те најпродавани артикли на страницата на „Амазон“ за Британија. Serious Tissues, која произведува тоалетна хартија од рециклиран материјал, забележа скок на продажбата од 36% во изминатите пет дена, а Cheeky Panda, кој продава тоалетна од бамбус, пријави пораст на продажбата од 43% во споредба со истиот период минатата година.
Џули Чен, една од основачите на компанијата ги повика граѓаните да се воздржат од панично купување, како од времето на карантините поради пандемијата.
Добро е да се чува нешто повеќе тоалетна хартија како резерва, но нема потреба да се прават залихи за неколку месеци, изјави Чен.

Големи продажни синџири објавија скок на продажба на конзервирана храна, радио приемници и фенери. Супермаркетите „Ајсленд“ објавија дека продажбата на конзервирана храна и флаширана вода за време на викендот се зголемила за 40%. Неколку други супермаркети објавија дека се потрошени сите залихи на супи.
Продажбата на радио-приемници во споредба со минатата недела се зголемила за 92% до 160%, во зависност од трговските центри, на помошните батерии за мобилни телефони за 106%, а на преносните електрични светилки за 284%. Малопродажен центар за алати и опрема објави пораст од 172% на продажбата на генератори.
Нема податоци за промени во продажбата на виски, откако премиерот Енди Бернам на долгиот список го додаде и советот до Британците „да не консумираат алкохол во случај на национална катастрофа“.