Време е да се хејтаат забраните и цензурите

Кога во една Финска, на политичарка ќе ѝ требаат цели четири години да куртули од затвор за нешто што го кажала, и тоа под сериозни обвиненија за злосторства против човештвото, тогаш е јасно на кој пат е слободата на говорот на Запад. Но, Финска е само „канаринец во окното“, како што некогаш рударите тестирале дали долу има отровен воздух.

Во 2019 година, таа беше уапсена според одделот за „воени злосторства и злосторства против човештвото“ од кривичниот законик на Финска. Што направила за да заработи вакво обвинение? Поддржала некое етничкото чистење или поттикнувала масовни злосторства?

Не баш. Паиви Расанен, поранешна министерка за внатрешни работи и актуелен пратеник, само твитнала библиски стих (за гревовите), во обид да ја оспори одлуката на нејзината локална црква да го спонзорира Прајдот во Хелсинки.

Две години подоцна, освен за библискиот твит, против неа биле покренати две дополнителни обвиненија, едно од нив за нешто што го напишала уште во 2004 година, многу години пред воопшто да стапи на сила законот за говор на омраза по кој се гони.

После неколку перипетии и обжалувања на судските одлуки, неодамна таа беше конечно ослободена од обвиненијата.

Во четиригодишниот обвинителско-судски дебакл, обвинителката дури и ја споредила Библијата со Хитлеровиот Мајн Кампф, велејќи дека се работи за историски текст кој може да се користи само како референца но не и содржински да се поддржуваат нејзини делови. 

А за памфлетот од пред 20 години, обвинителката има кажано: „Не е важно дали е вистина или не, важно е дека е навредливо.“

Расанен можеби беше прогласена за невина по сите точки, но тоа не значи дека дефинитивна победа на слободата на говорот. Опсегот на законите за говор на омраза постојано се шири низ целиот Запад. Се очекува Шкотска да започне со спроведување на законот за криминал од омраза на почетокот на следната година, кој би можел да ги затвори сите граѓани кои ќе се најдат на „погрешната страна“ од сензитивните дебати за бракот, полот и сексуалноста. Сличен драконски нацрт-закон за говор на омраза моментално се разгледува во ирскиот парламент. И гувернерот на Њујорк објави повеќемилионска иницијатива за полициски ингеренции за „злосторства од омраза и пристрасност“, што ќе вклучува опширно следење на она што луѓето го кажуваат на социјалните мрежи.

„На Запад, изгледа заборавивме на важноста на слободата на говорот и нејзината неопходност за дебата, разум и потрага по вистината. Наместо тоа, го сузбиваме говорот само за да спречиме некој да се чувствува навреден или предизвикан. Финска е канаринец во рудникот, прогонот на Паиви Расанен јасно ги покажува опасностите на државата да ѝ се дозволи да криминализира кој било став што не ѝ се допаѓа. Слободниот говор можеби неделава победи во Финска, но нè чекаат сериозни битки на други места“, пишива Пол Колман.

 

17 ноември 2023 - 13:08