Маја форевер

Збирка делови од колумни посветени на Маја Синадиновска, од книгата Трендоленд.

Но, не е сè така црно по нашите телевизии. Ете, неодамна, Драган Вучиќ во својата емисија ја најави колешката од Сител, Маја Синадиновска, како една од најинтелигентните личности што тој ги познава.

Таа му се заблагодари и му возврати дека тој е еден од најхаризматичните луѓе кои таа ги сретнала во животот.

И што со тоа?

Ништо, само се изнасмеав кога сфатив дека и двајцата - ја говорат вистината.


 

Толку бев мирнодопски раскравен, што по којзнае колку време на раат ја изгледав емисијата на легендарниот пеачко-водителски пар кој се одѕива на шифрата Маја Синадиновска. Божанствено, спектакуларно, оргазмично. Го беше викнала Амди Бајрам, маскиран како ексклузивен гостин. Го беше најавила со пригоден видео материјал - снимка од некоја свадба на која Амди прави фишеци од марки и нив ги боде во косата на Благица Павловска.

Откако Амди ја аранжираше девизната икебана на главата на Благица, се вративме во студиото за да уживаме во суптилниот разговор на двата интелектуални дивови.

Амди разврза за тоа како ја препознал ромската душа на Солана по начинот на кој овој му ја стиснал раката, за бенките како таен пасворд по кој се познаваат етничките браќа, за тоа дека му претскажале голема иднина и многу пари затоа што има ретки заби. Потоа следуваше суптилен автобиографски блок: свадби во воздух, сунети во хеликоптери, над Охридско летаат кожинки од надареното машко потомство на Амди од кои човек може шинел да сошие.

Дескриптивната мисла на нашиот пратеник беше поткрепувана со силината на статистичките бројки од спомнатите свадби, сунети, Ѓурѓовдени, локалнопарламентарни избори и други забавно рекреативни приредби: милијарда заклани бикови, катаљон блажено упокоени јагниња... За сето време, на Маја, од ова импресивно портфолио на Амди и доаѓа вода на уста што придонесува одвреме навреме да ѝ се испушти едно тивко, нутриционистичко: „Секоја чест, секоја чест".

Нормално, пичвајзот заврши со општа еуфорија во студиото, камермани се валкаат по под, камерите прават сунет, рефлекторите пеат „Едерлези бабо бабо... " Остана да го изгледаме само уште најновиот спот на Маја во кој таа сама се синхронизира од македонски на француски, се титлува во обратна насока, а за сето време успева пред камерата да прави пози како да ја сликаат за бонбоњера.


 

Туку, налет политика. Од неа уште долго нема да чуеме нешто арно. Среда е, а мојот пижама деј, вечерва планирам да го завршам фуриозно со емисијата на Маја Синадиновска. Кој знае какви догодовштини ќе ми приреди мојата омилена Ин Витро и Мајушка, која ако судиме по последната епизода се наоѓа во невиден креативен занос. Тоа беше една од оние емисии кои ги одгледуваш зинат, а отпосле не си сигурен дека стварно си го видел и чул тоа што си го видел и чул. Во студиото беше една фина докторка која појма немам како залутала во емисијата. Беше и еден чичко, кој кажуваше некаква теорија дека ќе сме оделе у рикверц со времето. Главно не го разбрав што сака да каже, ама чичкото беше барем пристоен. Дури и жал ми падна за него кога Маја со поддршка од третата гостинка (која се сретнала со својот покоен бабо и оттогаш лечи стерилитет) му се з'гна со прашањето: Кога ќе биде судниот ден, кога ќе биде судниот ден, датум гостине, датум!!! Овој кутриот искрено призна дека нема појма бре кога ќе биде судниот ден, на што Маја дебело се разочара и ни сложи онаква фаца: Ете, овој не знае кога ќе биде судниот ден, а јас во емисија го викам! Е кога де ќе биде судниот ден? Е утре сигурно нема да биде. Зошто? Затоа што ние одамна сме навикнати да одиме во рикверц со времето.


 

Па, конечно ја начекав емисијата на Маја Синадиновска. По којзнае колку време! Памтам како да беше вчера... пошто вчера и беше.

Петок навечер, посебно грд ден во скопската котлина. Помислив на илјадниците души кои жедни за љубов или алкохол во тој момент се стискаат по клаустрофобичните угостителски локали во мојата родна касаба и инстантно почувствував неописива среќа што пред малку облеков пижами. Со десната благонадежно се погалив во меѓуножјето, а левицата непогрешиво трзна накај далечинскиот управувач кој воден од божјата промисла, застана на бројот пет, вековното огниште на фреквенцијата на Сител.

Да бидам комплетно искрен: јас емисијата на Маја ја начекав и минатиот пат, ама ептен на крај кога таа се поздравуваше со својата последна гостинка за таа вечер. Беше тоа Ребека која за „успомена и дуго сечање" од Маја доби на поклон - гаќи! Океј, чипкани, вакви такви ама јеби га - гаќи. Ребека малку зарумени на ваквиот интимен испраќај, а Маја домаќински и одговорно и призна: „Јас ти ги бирав" по што децентно неколку пати кликна со своите широки трепки предизвикувајќи промаја во нејзиното студио и восхит во мојата душа.

Колку смел начин за рушење на здодевните и шематизирани односи меѓу тв водителот и неговите гости! Колку навидум безначаен но истовремено генијален потег за демаскирање на лажната магија на телевизијата. А тоа не го може секој, тоа го може само одважна големокалибарска водителска персона од типот на Маја С. Јас пробав да замислам, ама не одеше. Еве, видете и сами: Њујорк, пладне, некаде близу раскрсницата на трета Авенија и 43-та улица. Опра Винфри ака по тоа дуќаните, веќе добро запотена под мишки. Случајно се сретнува со другарка од средно, не се виделе милион години. „Опро, демек не се познаваме, а?" „Ванеса? Да не пукнеш, немаше да те познаам". „Како ќе ме познаеш? Три деца, дома, работа, секирации... Ти како си? Стално на телевизија те гледам", „Еве, мори Ванесо, се растрив од одење по продавници. Утре имам емисија, а уште гаќи не сум им купила на гостите!" „Мори Опро, и тебе не ти е лесно. Виде ли преку мост?" „Не стигнав право да ти кажам. Чипкани имаат ли?" „Имаат, како немаат. Сè има, само човек пари да има". „Одам одма! И јави се, да не се заборавиме..."

Овојпат Маја ја изгледав речиси интегрално. Со нејзиното либидо се судрив токму во моментот кога таа пред камерата листаше сликовница, а еден чичко доктор ни објасни дека тоа што го гледаме се маж и жена како водат љубов, дејствие во народот познато и како секс. Притоа, посебен акцент беше ставен на позата „згуза" при што водителката објективно и непристрасно запраша дали таа поза е малку нефер кон жената, пошто мажот може да замишља дека бемба некоја друга. Чичкото со индигнација ги одби ваквите инсинуации т.е. рече дека тоа, да му се невиди - и не е толку страшно.

Меѓу позите, водителката лојално ги шмркаше течните спонзори на емисијата. Отприлика на два шмрка кафе доаѓаше по еден шмрк енергетски напиток. Можете да замислете каков напор е тоа за еден нежен и суптилен кардиоваскуларен систем. Се уплашив дека до крајот на емисијата Маја ќе ни позелени од кофеин и дека нејзиниот притисок ќе се израмни со притисокот на задња гума на товарена Сканија. Стравот беше залуден. По блокот со сексуалните конфигурации, нè чекаше огромно изненадување. За само неколку секунди колку што траеше џинглот, докторот направи хокеарска измена со една цура, легитимен претставник на скопски секс шоп, а сценографијата доживеа рапидно збогатување: на околните столчиња, масички и табуретки одеднаш никнаа дузина стапови кои старите Латини на галено ги викале пениси. Бели, црни, мазни, рапави, електрични... ма што ти душа сака!

Двете моми започнаа демократски дијалог на тема „Вибраторот, најверниот пријател на жената", а гостинката трпеливо ни ги објасни присутните модели: еден од нив имаше „изразита венозност", друг се изјасни како „Мулат", а најимпозантен беше моделот „Император" од чија изведба се гледаше дека луѓе то не штеделе на материјал. Најважно од сè беше тоа што разбравме дека кај нашите жени особено популарен бил оној, гламја црниот, факт кој меѓу другото, укажува на вековното и неправедно фаворизирање на Крали Марко во однос на Црна Арапина.

Потоа се прејде на сајбер моделите, според сведочењето на присутниот експерт, последниот крик во светот на електричното задоволство. Имаат седум брзини човече, ни кумплунг ни ништо! Ем доаѓаат во комплет со даљински управувач, што тотално ме збунува пошто никако не можам да сконтам што к... ќе и е даљински за вибратор? Ако ја мрзи да станува???

Елем, најдраматични моменти преживуваше златната рипка во студиото. Во првиот дел од емисијата таа спокојно пливаше во својата рамковна кугла со вода. Но, кога на ред дојдоа мулатите и останатите браќа, нејзе видливо почна да ја фаќа блага паника од можноста во секој момент во водата да падне некој електричен вибратор и да ѝ ги спржи перките додека си рекол „дилдо". Од друга страна, мене ме фати страв дека во момент на невнимание и зголемен крвен притисок, водителката може да се збуни и наместо лименката со енергетски напиток кон устата да принесе некој од изложените експонати,
ама...

Ух, се заборавив. Можеби прешироко отидов во дескрипција меѓутоа ме радува што успеав да се држам до темата и до првично поставените задачи на оваа педантна анализа...


 

со љубов за Маја,

Т.

 

10 октомври 2013 - 10:09