Трамп: Миграцијата е егзистенцијална закана за САД

Претседателот Доналд Трамп нареди заострување на лабавите политики за мигрантите, кои ги опиша како најголема и егзистенцијална закана за безбедноста на САД. Се закани дека ќе ги провери десетиците илјади Авганистанци што ги примила администрацијата на Џо Бајден, откако еден од нив вчера пукаше во патрола на Националната гарда близу до Белата куќа.

Авганистански имигрант синоќа ненадејно извадил оружје и без предупредување пукал во двајца припадници на националната гарда што биле во „јасно видлива патрола“ пред станица на метро близу до Белата куќа. Интервенирале други патроли и по престрелка ја запреле заканата. Двајцата војници се во критична состојба, а ранетиот напаѓач е во притвор.

Идентификуван е како Рахманулах Лаканвал, 29-годишен државјанин на Авганистан. Во септември 2021 година бил префрлен во САД во рамките на програмата „Добредојде за сојузниците“ на администрацијата на Џо Бајден за евакуирање на десетици илјади Авганистанци за да не бидат цел на одмазда на талибанците, кои ја презедоа власта во Кабул. Со програмата беа опфатени 76.000 преведувачи и други соработници на американските сили за време на окупацијата, но има сомневања дека меѓу евакуираните имало многумина што не ги исполнувале условите. 

Кога Трамп ја запре програмата, останаа многумина Авганистанци во транзитни точки во Катар или Албанија што чекаат да бидат евакуирани во САД.

Во реакцијата на нападот во Вашингтон, Трамп го опиша Авганистан како „пекол на земјата“ и објави дека неговата администрација ќе ги прегледа сите лица што влегле од земјата преку програмата на Бајден.

Гнасниот напад докажува дека лабавите миграциски политики се најголемата закана за националната безбедност со која се соочува нашата нација. Ниту една земја не може да толерира таков егзистенцијален ризик... Ако не ја сакаат нашата земја, ние не ги сакаме, порача Трамп.

Трамп предупреди и на заканата од мигрантите во Минесота, истакнувајќи дека „стотици илјади Сомалијци ја парчосуваат таа некогаш голема држава“. Минесота има најголема сомалиска заедница во земјата, околу 87.000 луѓе. Неодамна беше откриено дека многумина од нив го злоупотребуваат системот за социјална помош и испраќаат милиони долари во Сомалија, индиректно финансирајќи ја терористичката група Ал Шабаб.

Стејт департментот уште пред една недела ја прогласил миграцијата за национална закана за западната цивилизација и побарал од дипломатите да ја прошират стратегијата против миграцијата во сојузничките земји.

Од амбасадите се бара да известуваат за влијанието на масовната миграција врз јавната безбедност и човековите права и да ги анализираат политиките за двостепени системи, кои ги фаворизираат мигрантите на штета на домашните граѓани, обично преку поблаг третман за криминалци и преку казни за критичарите на миграцијата.

******
Види: Минесота ги финансира терористите во Сомалија

27 ноември 2025 - 07:47