Минесота ги финансира терористите во Сомалија

Сомалиската заедница во Минесота формира фиктивни добротворни организации за да цица милиони долари социјална помош за луѓе од најранлива категорија. Лажно пријавува луѓе за програмите, а парите ги користи за луксузирање или ги праќа во Сомалија, каде што терористите од Ал Шабаб собираат рекет. Трамп ја прекина заштитата на Сомалијците од депортација.

Социјалниот систем што во 2020 година го воспоставиле демократските власти во сојузната држава како да бил скроен за да може да се злоупотребува. Целта на програмата ХСС, единствена од тој тип во САД, била да им се помогне на пензионерите, инвалидите, наркозависниците и ментално болните луѓе.

Биле поставени ниски прагови за аплицирање и минимални барања за надомест. Вкупната сума за социјална поддршка била проценета на 2,6 милиони долари. Но, трошоците брзо излегле од контрола. Во 2021 година, програмата исплатила повеќе од 21 милион долари. Со времето годишните трошоци се искачиле на 42 милиони, па на 74 милиони и на 104 милиони долари лани. Во текот на првите шест месеци од 2025 година, исплатите достигнале 61 милион долари.

На 1 август, Министерството за човечки услуги на Минесота презеде чекори за укинување на програмата ХСС поради „веродостојни обвинувања за измама“. Џо Томпсон, тогашен вршител на должноста државен обвинител за Минесота, отвори случај против шестмина припадници на сомалиската заедница, кои преку непрофитни организации масовно ангажирале луѓе од ранливите категории да аплицираат, а потоа не им ја исплаќале помошта.

Една шема се надоврзува на друга, цицајќи ги средствата од оние на кои им се потребни, изјави Томпсон.

Како типичен пример е истакната организацијата Feeding Our Future, која во 2019 година добила федерални средства од 3,4 милиони долари. Во првите месеци од пандемијата, организацијата се проширила и доставувала лажни податоци за број на оброци и фалсификувала документи за згрижени лица.

Дел од парите биле искористени за купување недвижнини и луксузни автомобили во САД, Турција и Кенија, а дел биле испраќани во Сомалија преку „хавали“ - неформални мрежи за трансфер на пари.

Глен Кернс, поранешен полициски детектив, изјави дека една мрежа од Сиетл испратила 20 милиони долари во рок од една година. Истрагата открила дека значителни износи завршиле кај исламистичката група Ал Шабаб.

Најголемиот финансиер на Ал-Шабаб се даночните обврзници од Минесота... Ал Шабаб на некаков начин има корист од секој цент што сомалиските емигранти во САД или Западна Европа, насекаде каде што се концентрирани, го испраќаат во својата земја. За себе земаат дел од секоја пратка, тврдат извори на Сити журнал.

Претседателот Доналд Трамп во петокот објави дека итно ја прекинува заштитата од депортација на сите Сомалијци што престојуваат во Минесота.

Сомалиските банди ги тероризираат луѓето од таа голема држава. Исчезнати се милијарди долари, порача Трамп на својата социјална мрежа.

24 ноември 2025 - 11:23