Милеи им понуди азил на њујорчаните разочарани од Мамдани

Аргентинскиот претседател Милеи им порача на жителите на Њујорк дека ќе бидат срдечно пречекани во неговата земја ако решат да избегаат од „комунистичкиот режим“ што ќе им го наметне новиот градоначалник Мамдани. Двајцата имаат сосема спротивставени политики, со разлика што Милеи веројатно има поголема поддршка од американскиот претседател Трамп.

Либертаријанскиот претседател Милеи, кој со моторна пила илустрираше како ќе ги крати јавните трошоци, оцени дека жителите на Њујорк на изборите пред три недели избрале да тргнат во спротивна насока од Аргентинците.

Демократскиот социјалист Мамдани во кампањата ветуваше дека ќе ги замрзне кириите за домовите, бесплатен превоз за граѓаните, владини продавници за храна и дека ќе ги зголеми даноците за бизнисите и за најбогатите. Неговите противници потсетија на изјава на Мамдани од 2021 година, кога на конференција на младите демократски социјалисти порачал дека „крајната цел е да се запленат средствата за производство“.

Њујорчани сега ќе живеат под комунистичка партија. Тие треба да знаат дека кога работите ќе тргнат наопаку, секогаш ќе бидат добредојдени во нашата земја каде што можат да го бараат својот просперитет, изјави Милеи.

Откако Милеи победи на претседателските избори во 2023 година, тој укина министерства и владини агенции, го намали составот на владата за повеќе од 70% и државните трошоци за една четвртина.

Успеа да ја намали годишната инфлација од речиси 300% на 31%, да ја намали стапката на сиромаштија од 56 на 32%, да го балансира буџетот и прв пат по децении на дефицит ја извлече земјата од рецесија. За ова му помогна заем од 20 милијарди долари што го доби од САД. Како услов за заемот, Милеи мораше да се откаже од некои радикални кастрења, но инсистира дека нема да ги промени своите цели.

На неодамнешните парламентарни избори, кои беа првиот голем испит за оваа политика,  неговата партија го зголеми бројот на пратеници. Милеи сега подготвува приватизација на најважните државни претпријатија. 

27 ноември 2025 - 10:01