Махер на колото: 400.000 долари на Мадуро

Пет часа пред ноќните експлозии да го потресат Каракас, непознат кладилничар ги удвоил облозите дека Николас Мадуро ќе биде соборен. Обложувањата на Полимаркет, популарна платформа за обложување базирана на крипто, му донеле 400.000 долари по што се рашири сомнеж дека не се работи за кладилничарска интуиција туку за некој со инсајдерски информации. 

Полимаркет и сличните платформи нудат обложување на секакви идни настани, почнувајќи од политичките назначувања на Трамп до тоа кои ликови ќе умрат во последната сезона на „Stranger Things“. Притоа, за разлика од берзата, речиси и да нема заштитни механизми од тргување со помош на информации кои не се јавно достапни. 

Анонимниот кладилничар креирал сметка минатиот месец и ставил 96 долари дека САД ќе ја нападнат Венецуела до 31 јануари 2026. Следната недела го качил облогот, кога шансите му биле само 8 проценти.

На крајот, од вложени 34.000 долари, извлекол 410.000 долари. Повеќе од половината од облогот бил ставен вечерта пред нападот на американските специјалци. 

Концентрираната природа на конкретниот облог, кога немаше јавни вести што укажуваа на непосредно соборување на Мадуро, се потенцијални индикатори за инсајдерско тргување, велат познавачи на Полимаркет. А бидејќи се работи за блокчеин технологија, речиси никакви се шансите да се дознае кој е махерот. 

По веста за обложувањата на Мадуро, њујоршкиот демократ Ричи Торес најави предлог закон за експлицитна забрана на федералните функционери, политички назначените функционери и вработените во извршната власт да се обложуваат на пазарите за предвидување.

Теоретски, „Полимаркет“ не им дозволува на Американци да ја користат платформата но забраната лесно се заобиколува со ВПН мрежи. 

Последниве месеци постојано излегуваа контроверзи. Во декември, некој заработи 1,2 милиони долари точно предвидувајќи кои ќе бидат најпребаруваните лица на Гугл за 2025 година. Истиот кладилничар претходно заработил над 100.000 долари погодувајќи го точниот датум кога ќе биде објавен Gemini 3.

7 јануари 2026 - 08:12